Вести Економија Свет

Како после половина век, Британија повторно стана „болниот пациент“ на Европа

Штрајкови на вработените на пристаништата, железницата, поштата, судството, комуналните служби и уште многу јавни сектори. Овие сцени беа секојдневие во 1970-те години во Обединетото Кралство, но денешните економски проблеми на островот не се последица само на ковид пандемијата и војната во Украина. Причините за денешната економска криза се провлекуваат повеќе од деценија и половина, а нивното потекло може да се забележи уште пред финансиската криза од 2008 година, анализира Политико.

Повеќе од една деценија Британија е погодена од слаб економски раст, анемична продуктивност и стагнантни инвестиции во приватниот и јавен сектор. Уште повеќе што од 2016 година политичките лидери на островот имаат краток „рок на траење“.

Пред нешто повеќе од половина век, тогашниот американски државен секретар Хенри Кисинџер, поради економските проблеми во 1970 години оцени дека „Британија е трагедија“, а Обединетото Кралство повторно е болниот пациент на Европа. Помеѓу седумдесетите и сегашноста можат да се повлечат многу паралели, во поглед на Обединетото Кралство. Тогаш Британија беше влезена во стагфлација, погодена од глобална енергетска криза, пад на вредноста на фунтата и масовни работнички штрајкови, поради што мораше да бара помош од Меѓународниот монетарен фонд. Се чини тешко веројатно, но многумина денеска предупредуваат дека сето ова може повторно да ѝ се случи на земјата.

Британските гласачи беа измамени од ветувањата на политичарите за подобрување на земјата со големи инвестиции во регионалните економии. Конзервативците ќе ви ветат сѐ, а потоа ќе ви го повлечат чергичето од под нозете, разочарано коментира пристанишниот работник Пол Туркинг за Политико.

Причините за сегашното незадоволство, како и насекаде низ Европа и светот, е зголемувањето на трошоците за живот, и порастот на инфлацијата, која во Британија во случајов, годинава надмина 10 проценти.

Повеќе нема средна класа. Колку милијардери имаме? Како може Британија да биде шестата најголема економија во светот, кога употребата на социјална помош за прехранување е 35 проценти повисока од пред пандемијата? Работниците се тие кои што враќаат пари во економијата, вели Џон Делиџ, уште еден пристанишен работник кој штрајкува.

Британската економија беше дополнително нокаутирана со потресите изминативе два месеци, по објавувањето на катастрофалниот мини буџет, на сега веќе поранешната премиерка Лиз Трас, поради што и Банката на Англија мораше да интервенира за да ги смири финансиските пазари и да спречи колапс на британската економија. Оваа последна криза е резултат на само нанесени повреди, кои имаат потенцијал да ги поткопаат основите на една економија: довербата и стабилноста. Степенот на политичката и економска слабост е таков што дури почнаа да се појавуваат споредби со држави, на чии невољји порано британската јавност се подбиваше.

Егзистенцијалниот ризик за Обединетото Кралство, не е дека ненадејно ќе паднеме од некаков економски раб, или дека во земјата ќе избие граѓанска војна, или нешто слично. Ризикот е дека ќе станеме како Италија, предупредува професорот по економија на Кралскиот колеџ во Лондон, Џонатан Портес.

Професорот Портес секако не прави споредба со Италија поради прекрасната клима на земјата, или нејзината исклучителна традиционална кујна, туку поради економијата која ѝ е безнадежно заглавена од низок раст, фатена во нефункционален маѓепсан политички круг, некаде помеѓу „корумпираните и неспособни десничарски популисти“ и „добронамерните технократи кои не можат да променат ништо“.

Тоа не е иднината што ја посакуваме за Обединетото Кралство, тврди Портес.

Но, како што и самиот пример со Италија посочува, една работа е да ги дијагностицирате проблемите , а сосема друга да ги решите. Било каков обид на британските политичари да ја „излекуваат“ економијата, мора да тргне од нивното конечно разбирање на вистинските причини за таа болест, а тие се провлекуваат уште од првата вистинска глобална криза на 21 век. Таа ги извади на површина недостатоците на британската економија, и нејзината ранливост на такви потреси.

Новата влада на Дејвид Камерон, во тој период, основана на тенко мнозинство во Парламентот и формирана со помошта на Либералите, вети дека ќе го преполови дефицитот до крајот на нејзиниот мандат. Следеа бројни мерки за штедење, кои според конзервативците се основата поради која сега Британија успеа да ги преброди последните кризи, вклучувајќи ја и најновата. Но, многумина имаат различно мислење. Тие сметаат дека програмата за штедење на тогашниот министер за финансии, Џорџ Озборн, нанесе непоправлива штета врз јавниот сектор, како центри за социјална грижа, јавни библиотеки, затворскиот систем, судството, одржувањето на патната инфраструктура. Според една неодамнешна студија, таа програма за штедење на Озборн придонела за стотици илјади непотребни смртни случаи.

Друга причина, кои многумина во Британија сакаат да ги занемарат, а особено во редовите на владејачките Ториевци, е ефектот на Брегзит врз економијата. Без претходно усогласен модел за тоа како би се спровело евентуално напуштање на ЕУ, и какви би биле односите потоа со Брисел, Обединетото Кралство го организираше референдумот во 2016 година. Тогашниот премиер Дејвид Камерон се повлече, него го наследи Тереза Меј, која по неколку годишни интензивни преговори конечно ја извади Британија од унијата, прекинувајќи ги врските со Бриел, на многу подлабок начин од што многумина очекуваа.

 

Иако британската јавност се подели како што поминуваше времето и Брегзитот се наближуваше, многу експерти започнаа да забележуваат знаци дека британската економија е на пат да биде сериозно погодена.

Теоријата дека резултатот од референдумот, заедно со несигурноста и промените во политиките кои ги донесе тој, резултираа со ниски инвестиции и низок раст на економијата, е прилично убедлива, смета професорот Стивен Милард, заменик директор на Националниот институт за економски и социјални истражувања.

Сега, обидувајќи се да ја врати стабилноста по кратката, но хаотична ера на Трас, новиот министер за финансии Џереми Хант најави нов период на штедење, за да се пополнат енормните дупки во буџетот. Тоа значи дека многу од долгочекуваните големи инфраструктурни проекти повторно ќе бидат одложени.

Но, за работниците на пристаништето во Ливерпул кои штрајкуваат, најавениот нов период на штедење, среде растечки трошоци за живот, е премногу.

Работниците мораат да се кренат за своите права и да се приклучат на синдикатите. Ги спасија банкарите во 2007 година, а сега не можат да ги спасат гладните луѓе, обвинува Делиџ.

ИГОР ТРАЈКОВ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ЗНАМ со повик до гласачите – гласајте масовно и изберете претседател по сопствено убедување

Дејан Дејан

Македонија на 36 место според слободата на медиумите

Дејан Дејан

Чуварите во прилепскиот затвор масовно „се разболеа“

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе