Вести Економија Најважни

Предлози на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ за ублажување на последиците од кризата

Пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ нуди седум предлози за справување со последиците предизвикани од продолжената економска криза со која се соочуваат граѓаните и стопанството.

Мерки, според ВМРО – ДПМНЕ, во текот на оваа недела ќе бидат доставени до Собранието во форма на предлог закони и амандмански интервенции.

Во целост ви ги пренесуваме предлозите на пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ:

  1. Викенд без ДДВ за прехранбени производи. Во просек, цените на прехранбените производи се зголемини за 30% за септември во однос на истиот месец претходната година. Токму поради овој драстичен раст на цени, Владата прибира огромни средства по основ на ДДВ и затоа сметаме дека за периодот што претстои овие средства треба да останат кај граѓаните. Во текот на оваа недела пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ и Коалиција за Обнова на Македонија ќе поднесе законско решение со кое секој викенд во период на прогласена кризна состојба ќе биде Викенд без ДДВ за основните прехранбени производи. Очекуваме Владата да го прифати ова решение и да се откаже од неколку милиони евра во интерес на граѓаните.
  2. На барање на стопанските комори предлагаме дополнително одложување на прогресивното оданочување кое треба да стапи на 1.1.2023 година. ВМРО – ДПМНЕ е против овој концепт на прогресивно оданочување и се залага за рамен данок како што е во моментов, но и постепено намалување до ниво од 8% во зависност од економските прилики. Владата мора да се откаже од казнување на најпродуктивните лица во Македонија. Не смееме да дозволиме вработените во ИТ секторот поради несоодветни даночни политики да ни заминат. Токму затоа предлагаме најпрво одложување на прогресивното оданочување, а по парламентарните избори граѓаните да одлучат дали се за зголемување на даноците и даночната евазија или за рационализација на јавните расходи и постепено намалување на данокот на личен доход.
  3. Дополнување на Законот за финансиска поддршка на граѓаните со категории на граѓани кои се испуштени. Пакетот мерки за граѓаните кој го презентираше Владата изнесува околу 18 милиони евра и истиот сметаме дека е недоволен. Токму затоа преку амандмани ќе побараме финансиската поддршка наместо четири месеци да биде секој месец додека има прогласена кризна состојба, односно заклучно со април 2023 година. Дополнително, ќе бараме сите самохрани родители да бидат опфатени, а не само тие чии деца се на возраст до седум години и се приматели на гарантирана минална помош. Покрај проширување на опфатот за самохраните родители бараме месечна финансиска поддршка од 3000 денари и за: средношколците, невработените лица кои се активни баратели на работа според евиденцијата на АВРМ, децата без родители и родителска грижа, како и корисниците на гарантирана минимална помош. Освен овие заборавени категории на граѓани предлагаме и целосен опфат на пензионерите и вистинска финансиска помош за нив и тоа: по 3000 денари месечно за приматели на пензија до 14.000 денари, по 2000 денари за приматели на пензија до 30.000 денари и за примателите на пензија повисока од 30.000 денари месечна финансиска поддршка од 1000 денари. Доколку пратениците од мнозинството го прифатат нашиот предлог за финансиска поддршка тогаш ќе може да кажат дека ги опфатиле сите категории на граѓани на кои им е потребна поддршка. Да потсетам за јавноста дека стапката на сиромаштија во Македонија според последните достапни податоци кои се од 2020 година изнесува 21,8%. Повторувам, ова е стапка на сиромаштија за 2020 година кога според државниот завод за статистика сиромашно четириличлено семејство има месечни приходи помали од 19.500 денари. Денес, цените се драстично повисоки отколку во 2020 година и бројот на домаќинства кои се соочуваат со сиромаштија далеку повисок.
  4. За студентите предлагаме враќање на мерката субвенциониран студентски оброк како минатата академска година, но со субвенција која ќе биде повисока отколку претходно. Порастот на цените на прехранбените продукти во септември е близу 30%, па оттука наместо износот од 120 денари дневно, предлагаме истиот да се зголеми на 160 денари. Во оваа прилика сакам да истакнам дека поради ланските избрзани законски измени на Законот за субвенциониран студентски оброк студентите нема да добијат средства за октомври, а под знак прашалник се и средствата за ноември доколку не се направат соодветни законски измени кои ќе ги поднесеме до Собранието.
  5. Со предлог дополнувањата во Законот за задолжителни нафтени резерви, планот на Владата е АД ЕСМ да ги искористи државните резерви на мазут и дизел гориво за производство на топлинска и електрична енергија. Предлогот на ВМРО – ДПМНЕ е покрај АД ЕСМ, нафтените резерви да може да стојат на располагање во краен случај и за образовните и здравствените институции кои ги користат овие енергенси за затоплување. Не смееме да дозволиме нашите деца и пациентите да се смрзнуваат поради високите цени на енергенсите. Мора да оставиме законска можност во случај на екстремно високи цени на светските берзи покрај АД ЕСМ и овие јавни установи да ги користат нафтените резерви. Во оваа прилика би сакал да апелирам дека Владата не треба на ова законско решение да гледа како на дозвола за целосно искористување на нафтените резерви, туку на можност во краен случај при драстичен пораст на цени или недостаток на пазарот на енергенси да се пристапи кон користење на овие резерви.
  6. Со дополнувања во законот за данокот за додадена вредност огревното дрво и пелетите ќе предложиме да се ослободат од ДДВ. Мал придонес во екстремниот пораст на цените на овие производи. Останува прашањето зошто ЈП Македонски шуми кое е во целосна државна сопственост дозволи екстремен пораст на цените и кој печали на грбот на граѓаните. Според податоци на Државниот завод за статистика од 2019 година, 280.000 домаќинства се греат на огревно дрво, а 50.000 домаќинства со пелети или брикети. Со нашиот предлог ќе дојде до поевтинување на огревното дрво за 18%, а на пелетите за 5%.
  7. Како последен предлог, кој не е нов, но повторно го актуелизираме поради актуелните состојби е Законот за акцизите со кој предлагаме 50% намалување на акцизите за моторните горива т.е. дизелот и бензините. Високите цени на горивата особено на дизелот нанесува сериозен удар врз сите, со оглед дека истиот учествува со над 50% од вкупната потрошувачка на нафтени продукти во земјата. Високата цена на дизел горивото значи поскапи производи во продавниците безразлика дали станува збор за бела техника или храна, поскап меѓуградски и такси превоз и многу други поскапи производи или услуги од секојдневниот живот. Покрај погонското гориво, го имаме предвид и горивото за греење кое го користат неколку илјади домаќинства кои имаат сопствено парно и за нив предвидуваме намалување на акцизата за 50%.
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Двајца загинати во директен судар на патот Штип-Радовиш

Дејан Дејан

ЗНАМ со повик до гласачите – гласајте масовно и изберете претседател по сопствено убедување

Дејан Дејан

Македонија на 36 место според слободата на медиумите

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе