Вести Македонија

Мазут и јаглен ќе мора да се гори велат надлежните и најавуваат засилени инспекции

На прагот на тешката зима и среде светска криза, се кројат планови како ќе се контролира што се увезува од енергенси и како се употребува.

Јавноста знае дека ќе мора да се горат и материи коишто емитираат многу поголеми количества на токсични честички во воздухот. Ова досега е многупати кажано, а тоа што сè уште е нејасно е како да се зачува здравјето на луѓето и како да се намали загадувањето на воздухот колку што дозволуваат приликите.

Од Министерството за животна средина најавуваат меѓуресорска координација и инспекции.

„Ние како Министерство секогаш ќе бараме да се почитуваат стандардите. Ќе соработуваме заедно со инспекторатите и со Министерството за економија, ќе бараме и од Државниот инспекторат за животна средина да соработува. Сите сме свесни дека за жал ние ќе употребиме мазут и јаглен за да произведеме струја. Тоа за жал е состојбата во цела Европа. Ова не е криза во нашата држава туку во целата Европа. Само за информација и во Германија ќе почнат да употребуваат јаглен“ изјави Насер Нуредини, министер за животна средина и просторно планирање. 

Поранешната директорка на Државниот инспекторат за животна средина, Ана Петровска, смета дека во Скопје најголем проблем би претставувало доколку топланите Исток и Запад наместо на природен гас, за греење на домаќинствата и институциите би користеле мазут.

Го коментира оперативниот план за работа, а таму за овие топлани е предвидено граничните емисии на сулфурен диоксид доколку се користи гас да изнесуваат 35 милиграми н-метри кубни. Доколку се гори мазут, оваа гранична вредност за топлана Исток е 1700 млиграми н-метри кубни.

„Оној момент кога се прејдени на гас, престанат е процесот на инвестирање во системи за пречистување на отпадните гасови. Тука е запрен и процесот на издавање на А-интегрираната дозвола. Тие не можеле да добијат А-интегрирана дозвола затоа што немаат филтри, доколку би користеле мазут. Значи, тие со гасот ги постигнуваат граничните вредности, а доколку користат мазут не можат никако да ги постигнат овие гранични вредности за коишто велам дека се многукратно повисоки од оние гранични вредности коишто се предвидени за гас и тука никаква инспекциска контрола нема да помогне“ изјави Ана Петровска, поранешен директор на Државниот инспекторат за животна средина. 

До граѓаните главно ќе се испраќаат апели, велат од ресорот Животна средина, затоа што не сакаат да казнуваат во тешки економски времиња.

Свесен дека тоа често може да биде случај и одредени категории на луѓе да користат буквално што ќе стигнат – министерот Нуредини коментира дека тие треба да знаат дека отровните честички најпрво штетат на нивното здравје и на најблиските.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Фетаи ќе биде именуван за нов специјален претставник на македонската влада во Брисел

Tea Dimkovska

Полициската ЕБР го промовираше засилувањето – новите припадници ги прикажаа своите вештини

Дејан Дејан

Извештајот на Вајц за Македонија: Јазикот, културата и идентитетот не треба да бидат доведени во прашање од трети страни при процесот на интеграцијата кон ЕУ

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе