Вести Македонија Топ вести

Различни толкувања за одлуката на Џафери – Левица најавува нова иницијатива за референдум

Меѓународни договори не можат да се менуваат со закон.

Занемарувањето на оваа одредба во член 118 од Уставот, според министерот за правда, е една од аномалиите на иницијативата за распишување на референдум која, според него,  има и други правни недостатоци.

Министерот вели дека, единствени надлежни во државата и во меѓународното право за склучување и потпишување на меѓународни договори се Претседателот на државата и Владата.

Преземените обврски мора задолжително да се почитуваат, а за раскинување на таквите договори не е  надлежно Собранието.

Но, домашното право не предвидува кој е надлежен.

Министерот нагласува дека, во самите меѓународните договори кои се ратификувани, е пропишан и начинот како може еднострано да се раскинат или една од страните да се повлече од обврските.

Тупанчевски не ги коментираше реакциите на неговите колеги правници, дека закон за ратификација не може да се поистоветува со меѓународен договор, како што ратификација на национално ниво не може да се изедначува со ратификација на меѓународно ниво.

Со таков став денеска излезе и доцентот по уставно право,  Денис Прешова,кој вели дека, спомнувањето на член 118 во овој контекст е  – очигледно незнаење.

Целата сага, според него,  укажува дека изворот на проблемот не е Договорот со Бугарија, туку недозволивото непознавање на конкретната материја и сеопштата импровизација.

Објаснува дека, престанокот на важност на актот за ратификација не значи и престанување на меѓународните обврски кои произлегуваат од таквиот договор или пак неговата важност на ниво на меѓународно право.

Но, во случајов, вели Прешова, целосно е прекршена процедурата за постапување по граѓанска иницијатива и нема начин како тоа може да испере или оправда.

Додека иницијативата очигледно страда од сериозни недостатоци поради кои би било нормално да се очекува истата да биде одбиена како неуредна, писанието на претседателот на Собранието наречено известување, е под секое ниво и е базирано на класично силување на процедурите и правото. Секој носител на висока политичка функција може да влезе во уставно толкување. Работата е што при евентуален спор,Уставниот суд е тој што треба да одлучи чие толкување е правно валидно. За претседателот на Собранието очигледно не постојат никакви граници и тој крајно арбитрарно се впушта во толкување кое многу повеќе личи на класично самоволие отколку било што друго. Одново се докажува дека војничкиот менталитет, на кој Џафери е толку горд и често го истакнува, е тотално неспојлив со демократијата и владеењето на правото“ – вели Денис Прешова, Доцент по Уставно право на Универзитет „Јустинијан Први„.

За него е подеднакво загрижувачка и апатичноста на јавноста од „долгата низа силувања на правото на која се веќе навикнати„.

Ваквата отрпнатост, вели, остава широк простор за шарлатани, его-манијаци и самодекларирани „правни доктори по општа пракса“ да стекнуваат популарност и лажен авторитет.

И додека траат ваквите и слични расправи во правната фела, од партијата Левица најавија дека ќе поднесат нова иницијатива за референдум за поништување на Договорот со Бугарија.

Референдумското прашање се уште не е дефинирано, но веќе имаат договор со ВМРО-ДПМНЕ, во случај Џафери да ја отфрли и оваа иницијатива,  да преминат кон целосна блокада на Собранието.

Далиборка Демјанска Цветановска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ВИДЕО: Невреме во Струга

Дејан Дејан

Обид за физички напад врз претседателката на Уставниот Суд

Дејан Дејан

Крени глас: Со позитивна енергија против врсничкото насилство

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе