Вести Македонија

Г.Г. Стефан за „Политика“: Отворената рана сега е излечена

Архиепископот Стефан во интервју за белградскиот весник „Политика“ се заблагодарува за помошта и поддршката на српската држава  во однос на македонската.Во интервјуто тој говори за заедничките литургии со Српската православна црква (СПЦ) во Белград и Скопје, воспоставувањето на евхаристичко единство и признавањето од СПЦ, значењето од помирувањето на двете сестрински цркви и перспективите на „двата братски народи“.

– Можеби нашето признавање на прв поглед нема да смени многу нешта во нашата Црква, зашто таа и досега внатрешно функционираше како и секоја друга помесна Црква, исповедајќи ја истата света вера во воплотениот и воскреснатиот Богочовек Христос, го имаше истиот богослужбен живот, принесувајќи го истиот евхаристиски принос. Меѓутоа, сосема е природно дека многу нешта ќе се подобрат поради обновата на нашето заедничарење со сеправославната екумена. Секоја средба облагородува и обогатува, а особено тоа го чинат заедничкото литургиско благодарење, заедничката молитва и меѓусебните разговори со собраќата од другите помесни Цркви, додава г.г. Стефан.

Според него, признавањето на МПЦ-ОА ќе им биде од полза и на сите православни цркви, затоа што „знаеме дека и македонско православие и Македонија воопшто имаат што да му покажат на православниот свет“.

– Заради стигмата на одвоеноста, бројни богобаратели од целиот свет биле обесхрабрувани да ја посетуваат Македонија. Отсега тоа ќе се менува и во годините пред нас мнозина ќе добијат можност да го видат нашето духовно богатство, нашите древни цркви и манастири, фрески и икони, да ја видат красотата на нашето помесно православие, да ја видат Македонија и да се уверат дека нашиот народ пулсира со ритамот на православието и дека македонската земја слободно може да се нарече земја црква и земја на крстот, потенцира архиепископот Стефан.

На прашањето дали политичарите помагале и одмагале на патот за автокефалност на МПЦ-ОА, архиепископот Стефан вели дека добронамерност имало кај многумина.

– Да, вселенскиот патријарх ја прими МПЦ-ОА во канонско единство со сеправославната екумена. Со неколкумина македонски архиереи веќе бевме и во Константинопол и сослужувавме Божествена литургија со патријархот Вартоломеј и тоа на роденденот на Црквата – празникот на Светата Педесетница. Не знам кога би можеле да го очекуваме официјалниот документ за впишување на нашата помесна Црква во Диптихот на автокефалните Цркви. Но сега, откако ја имавме можноста да поминеме неколку дена во придружба на константинополскиот патријарх и да го видиме неговото црквољубие и искрената желба да ни помогне, уверени сме дека тоа ќе стане во догледна иднина. Го молиме милостивиот Бог да ни дарува само уште малку трпение, изјави архиепископот Стефан.

На прашањето на „Политика“ за името на МПЦ-ОА, тој вели дека „нашата Црква, колку што е Македонска, толку е и Охридска црква“.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Огромна потреба од угостителски работници:Се нуди и парична награда од 300 евра за оној кои што ќе предложи некого за вработување

Дејан Дејан

Русија ќе произведува лимузини за Путин во старата фабрика на Тојота

Дејан Дејан

Додека ги служело здравје оделе на гласачки места, сега гласаат во домашни услови – за 76-годишната Слободанка и 81-годишната Митра гласањето останува свечен чин

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе