Вести Македонија Топ вести

Хаос во најава за скопскиот јавен превоз – возачите на автобуси во штрајк, таксистите бараат поскапување

Наместо зад воланот, пред вратите на својот работодавач. Возачите на градските автобуси ја имаат една од клучните улоги за функционирањето на градот, а сега најавуваат радикализација и непослушност.

Со едно кратко соопштение закачено на влезот на ЈСП, се покренаа бројни прашања, а главното е – дали со тоа на Скопје му се заканува хаос во јавниот превоз.

Возачите оценуваат дека кризата им изеде сѐ што имаат, па ако мора и штрајкот е опција – и за возачите од ЈСП, но и за приватните превозници.

„Што да кажам, нема пари. Платите се многу слаби, речиси за никаде. Сѐ поскапе, но платите никако не пораснаа. Барем да се најде некое решение и да дадат плус некој денар. А, за штрајкот не знам, уште не сум ништо информиран што и како ќе биде. Секако дека ќе се приклучам ако моите колеги возачи организираат штрајк“ изјави Игор Тодоровски, возач на автобус.

 

„Јас сум од приватниот сектор и ние не спаѓаме во таа група, но веќе и ние сме подготвени за штрајк. Не можеме да издржиме еве два ипол месеци пари не нѝ плаќаат. Јас дневно ставам 10 илјади денари нафта и овие пари коишто сум ги потрошил денес ќе треба да ги земам после три месеци. Не може ниту да се опстане, јас не знам веќе како ние ќе преживуваме“ изјави Мемет Асани, возач на автобус.

Граѓаните се жалат дека и онака се навикнати на несреден јавен превоз и неизвесност додека стојат на автобуските постојки.

Дури и во ситуација кога нема штрајк, нормализирано е да не се почитува никаков распоред на автобусите.

„Има автобуси, но многу ретко. Има многу чекање. Еве денес во недела два часа чекам автобус.“

 

„Не сум се возел ниту со автобус, ниту со такси во последно време, а ни пеш не сум одел многу далеку, но ако се доцни и ако се отстапува од некои норми тогаш би требало да се поправат.“

 

„Откако децата се на училишен распуст и по два часа се чека автобус.“

Раководството на ЈСП, синдикалците ги оцени како политички мотивирани. Оттаму тврдат дека одлука за зголемување на платите веќе постои.

Дополнително, уверуваат дека во овие кризни времиња не размислуваат на поскапување на услугите особено што во програмата на градоначалничката Арсовска е воведување на бесплатен јавен превоз.

Ваквиот вид политички мотивирани дејствија се неприфатливи и штетни за целокупното работење на претпријатието и на штета на граѓаните. Јавноста и вработените треба да бидат информирани дека Управниот одбор на ЈСП – Скопје на 19.04.2022 ги прифати барањата на Независниот синдикат, со Одлука за линеарно зголемување на платите во износ од 2800 денари, соопштуваат од ЈСП.

Во меѓувреме, неизвесно останува и како ќе функционира такси-превозот во главниот град. Цените на горивата уриваат рекорди, а тоа директно ги погоди и такси-возачите кои мораат да се прилагодат на целата ситуација или да се откажат ако имаат големи загуби.

Од Град Скопје информираат дека до Советот е пристигнато барање од едно здружение на таксисти, за промена на тарифите.

Одлуката за воведување на нова тарифа ќе ја носат советниците, но како што велат од градската администрација – само со широки консултации и со сериозна оправданост за такво нешто.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Израел одговара пред Меѓународниот суд на правдата за геноцид- Јужна Африка бара судот да нареди прекин на огнот во Газа

Дејан Дејан

Француската полиција застрела маж кој се обидувал да запали синагога во Руен

Дејан Дејан

Пронашле граната од Прва Светска војна и ја однеле во полициска станица

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе