Вести Македонија Топ вести

Лице од Крива Паланка делело бонови за гориво: МВР регистрирало низа нарушувања на предизборниот молк

Министерството за внатрешни работи утрово преку соопштение информираше за неколку регистрирани случаи поврзани со нарушување на предизборниот молк, за кои, како што велат оттаму се преземени мерки од страна на полицијата за нивно расчистување.

Според МВР, вчера жител на Крњево со иницијали Е.Д. пријавил дека во неговиот дом дошле три лица од Државната изборна комисија (ДИК) за да може неговиот дедо да го оствари своето право на глас. Но, Е.Д. се посомневал дека станува збор за лица од ДИК, бидејќи претходно не биле известени, а требало наместо три да бидат присутни пет лица, по што случајот го пријавил во СВР Скопје, од каде, како што информираат од МВР, преземаат мерки и активности за расчистување на настанот.

Исто така, вчера полицијата во координација со Основното јавно обвинителство Куманово презела активности откако лице од Крива Паланка на сограѓани им делело бонови за точење гориво на бензинска пумпа.

„Извршен е претрес на простории на бензинската пумпа, каде во присуство на Ј.Ј. и М.Ѓ. биле пронајдени пет бонови за гориво во вредност од по 1 000 денари со втиснат датум од 08.05.2024 и еден бон за гориво во вредност од 2 000 денари, шест фискални сметки, а во торбата која ја носел вработениот пронајдени се два бона за гориво во вредност од по 1 000 денари и фискална сметка“, се наведува во соопштението на МВР.

Во полициската станица во Крива Паланка во врска со настанот биле повикани четири лица – Б.С., С.М., М.Ѓ. и М.Д., сите жители на градот, со кои бил извршен службен разговор и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера вечер, пак, на улицата „Маршал Тито“ во Тетово, А.К. (24) од селот Стримница пријавил дека биле оштетени два банери со рекламен материјал на политичка партија, поставени на кружен во градот.

Во Неготино, исто така, вчера вечер било пријавено кривично дело повреда на слободата на определување на избирачите, за чие извршување се сомничи Л.Р. жителка на градот.

Случајот го пријавила Ц.Т., која според МВР, добила телефонски повик од осомничната, која барала поддршка за гласање. Откако жената одговорила негативно, Л.Р. и нагласила дека имала земено поддршка од програмата ИПАРД и потоа го прекинала повикот.

„За настанот е известен надлежен јавен обвинител и ќе се преземат дополнителни проверки“, велат од МВР.

Оттаму додаваат и дека во непосредна близина на избирачко место 1180 во Основното училиште „Христијан Тодоровски Карпош“ во село Драгоманце во општина Старо Нагоричане биле забалежани расфрлани летоци од политичка партија, кои потоа се отстранети.

Во текот на изборниот молк, според МВР, биле пријавени и неколку случаи за наводно агитирање и нудење поткуп.  По преземени мерки од страна на полициските службеници тие наводи до сега не се потврдени, додаваат оттаму.

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Се урна хеликоптерот на иранскиот претседател Ибрахим Раиси

Дејан Дејан

Мицкоски: По прегласувањето во ИЕ 5 очекуваме обезбедување двотретинско мнозинство

Дејан Дејан

Исчезна хеликоптерот со кој летал иранскиот претседател Ибрахим Раиси

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе