Вести Македонија Топ вести

МОН: До крајот на школската година училиштата треба да одработат три саботи

Министерството за образование и наука со допис ги известило училиштата дека двете среди (24 април и 8 мај) кога нема да работат поради одржување на изборите, треба да ги одработат во две саботи (18 мај и 1 јуни). МОН во дописот со вчерашен датум им укажало дека треба да се исполни одредбата од законот според која учебната година трае 180 наставни денови.

Покрај тоа, основните училиштата на Град Скопје се задолжени на 15 јуни (сабота) да го надоместат 30 ноември 2023 (четврток) кога не работеа поради одржувањето на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје. За оваа нивна обврска МОН во дописот се повикува на нацрт-записник од 199 седница на Владата одржана на 14 ноември минатата година кога 30 ноември бил определен за неработен ден за учениците од основните училишта во Град Скопје.

Министерството за образование и наука вчера за медиумите соопшти дека наставата од учебната 2023/2024 ќе се реализира во целост, како што предвидуваат плановите за организација на работата на основните и средните училишта и дека учебната година нема да биде продолжена, односно ќе заврши согласно утврдените календари – на 10 јуни за средношколците и на 17 јуни за основците, но не информираше дека неработните денови ќе бидат одработени во саботи.

Иако гласањето во рамки на првиот и вториот изборен круг е закажано во работни денови, учениците нема да изгубат од наставата и да пропуштат дел од наставниот материјал, посочи  МОН без да прецизира дека деновите ќе бидат надоместени како што за тоа ги известило училиштата.

Известувањето пратено до училиштата го објави и Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) на нивната фејсбук-страница, со прашање: „Од кога неработните денови преку ноќ стануваат работни?“

Министерот за образование веднаш да го повлече Известувањето до училиштата, со кое се задолжуваат да ги одработат „неработните” денови, прогласени од Владата, заради одржување на претстојните избори. Впрочем, и други учебни години завршувале и биле верифицирани од страна на министерот со помалку од 180 работни денови, како на пример учебната 2021/22 година, пишува во реакцијата на СОНК.

Со одлука на Владата од седницата пред три дена, заради непречено спроведување на првиот и вториот круг на Претседателските избори и на Парламентарните избори 2024, деновите 24 април и 8 мај  ќе бидат неработни за сите граѓани на целата територија на државава, и тие нема да се одработуваат.

МОН вчера информираше дека во вторниците 23 април и 7 мај, т.е. деновите пред одржувањето на изборите во државава, наставата во училиштата ќе се реализира вообичаено согласно распоредот, а училиштата во кои утредента ќе се организира гласање ќе работат од 7 до 11 часот, со скратени наставни часови за сите одделенија односно класови.

Инаку, учениците оваа година првпат ќе имаат пролетен распуст кој ќе почне на 29 април и ќе трае заклучно со 6 мај.

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Поништен е тендерот за прскање против комарци во Скопје, прескокнат е терминот за прскање за ларви, а комарците веќе се намножија

Дејан Дејан

Неоправдано и без основа е зголемувањето на цените на автомобилското осигурување, одлучи АСО

Дејан Дејан

Директорката на Токсикологија со преведувачка пред инспектори, се уште доаѓаат на работа и лекуваат и оние 11 кои не се вработени

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе