Вести Македонија Топ вести

Политички врски или редовен процес- дали смеат да се бираат кандидати за нови судии и обвинители во време на изборна кампања

Новата генерација на академци за идни судии и обвинители ќе се најде на тапет пред Антикорупциската комисија откако приговор упати изборниот штаб на Силјановска. Изборните приговори, антикорупциската комисија мора да ги разгледа во итна процедура, во рок од 5 дена. Штабот на Силјановска тврди дека станува збор за вработување на нови судии и обвинители со што има изборно влијание, додека од Академијата и претходно одговорија дека тестирањето се одвива споиред план, а тие што ќе влезат ќе бидат вработени дури во септември. Во имињата на новите академци има и кандидати со политички врски со власта, обвинуваше опозицијата.  

Со конкурсот и тестирањето на кандидатите за судии и обвинители на Академијата се кршат изборните правила и законот затоа што на тој начин се овозможува вработување на идни судии и обвинители со постапки во изборен период, смета изборниот штаб на кандидатката на опозицијата за претседател, Гордана Силјановска Давкова.

Поднесен е приговор до ДКСК, а претседателката на Антикорупциска комисија Татјана Димитровска за Телма потврди дека приговорот е примен и веќе се почнати постапките предвидени за изборен период кои се побрзи.

Најдоцна до среда ќе имаме јавна седница за да донесеме одлука, ни изјави Димитровска која рече дека уште две претставки за Академијата сега се споени со новоформираниот предмет.

Од штабот на Силјановска во приговорoт навеле дека станува збор за влијание врз изборниот процес.

Дел од приговор на ИШ на Гордана Силјановска Давкова до ДКСК:

Јасно е дека постапката за вработување и склучување на Договор за вработување со Академијата за судии и јавни обвинители на кандидатите продолжува во време на изборниот процес, односно во текот на изборната кампања која почнува на 4-ти април, за време на првиот изборен круг од претседателските избори на 24-ти април и 8-ми мај, вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори, со што се врши влијание врз изборниот процес.

Опозицијата обвинуваше дека со веќе отворениот конкурс и тестирање, ќе се обезбеди вработување како нови судии и обвинители на луѓе со партиски и политички врски со власта. Ги спомнуваа имињата на Мики Крстев кој како претставник на СДСМ е заменик министерот за локална самоуправа,  Дитмире Шеху, која е член на ДИК од ДУИ и други кандидати.

Од Академијата ги негираа обвинувања на опозицијата наведувајќи дека процесот на селекција и на тестирање за новата група академци е планиран многу пред изборниот процес, а вработувањата на оние што ќе ги поминат сите етапи на школување ќе се склучуваат по завршување на изборите односно дури во септември.

Од Академија наведуваат дека таков пример имало и во 2015-та кога ДКСК дозволилa одвивање на процесот коj резултирало со вработување на кандидати во 2017-та.

-Во конкретниот случај не станува збор за засновање на работен однос, туку спроведување на фази од приемниот испит во рамките на почетната обука. Институциите кои во рамки на вршењето на својата дејност спроведуваат испити како што се нотарскиот испит, правосудниот испит, испитот за извршители, испитите на факултетите и други, во изборниот период продолжуваат со своите редовни активности, наведе во своето соопштение Академијата за судии и обвинители на 21.03.2024.

Академијата во текот на денешниот ден ќе треба да достави одговор до ДКСК, која конечната одлука треба да ја донесе најдоцна до среда.

Миомир Серафиновиќ

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Дали ќе се раскинува договорот со “Бехтел&Енка” за над милијарда евра вредните коридори?

Дејан Дејан

Милијардата ќе биде европска, но не унгарска, објаснува Мицкоски

Дејан Дејан

Талат Џафери предупредува на обиди за изборен инжинеринг за менување на силите во парламентот

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе