Вести Емисии Код Македонија

КОД: Како Бектеши заврши на кривичната иницијатива на ДКСК за мазутот на ТЕЦ Неготино, имала ли РКМ на Капушевски инсајдерски информации поради што растела цената на струјата

Голема тема, огромни пари, и кривична иницитаива. На последната предновогодишна седница ДКСК утврди дека набавката на мазут за потребите на ЕСК односно за ТЕЦ Неготино крие сомнежи за измама, уцена, за намерно предизвикана криза да се оствари нереален профит, злоупотреба на службена положба, тргување со инсајдерски информации. КОД открива дека најмалку седум луѓе од кои еден активен министер се вклучени во иницијативата на Антикорупциската комисија која произлезе по повеќе месечни проверки на набавките на мазут за струја.

Државните службеници, според иницијативата на ДКСК ја злоупотребиле положбата заради овозможување на монополско дејствување на домашниот пазар на мазут, по пат на директна интервенција на страната на понудата на мазутот на домашниот пазар.

Но, тогаш не беа посочени сите државни службеници, освен описот кој го откри поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски.

-Веќе можеме да кажеме дека станува збор за системска корупција, не поединечна туку во системот, рече Горан Трпеновски, член на ДКСК, на седницата на 27-ми декември лани.

Бектеши и Ковачевски на листата на ДКСК

Во документот за одлуката на Антикорупциската комисија за мазутот и спорните набавки на мазут стојат само титули на оние за кои ДКСК утврдила можни злоупотреби на положбата. На прво место стои министер за економија. Во моментот на набавките и денеска тоа е Крешник Бектеши. Покрај него во одлуката на ДКСК се наведени и поранешниот директор на ЕСМ, во време на набавките на мазут- Васко Ковачевски, како и повеќе непознати службени лица од Министерството за економија и повеќе непознати лица од Електрани, членови на комисијата за набавка на мазут.

Антикорупциската комисија во својата одлука навела дека државните службеници преку своите постапки и наводни злоупотреби  настапиле цитирам „со цел предизвикување на криза и пораст на цената на мазутот и со тоа остварување профит“. По зборот профит, во одлуката со цртички, се анонимизирани имиња на три компании, две се домашни, третата е странска фирма за која е потенцирано дека има и поранешно име.

Но, со проверка на остатокот на одлуката КОД утврди дека зад скриените имиња се „скриени“, првин фирмата РКМ на Ратко Капушевски, потоа ОКТА поради тоа што се спомнува дека учествувала на еден јавен повик за набавка на мазут, како и Хеленик Енерџи Холдингс од Грција со поранешно име Хеленик Петролеум, затоа што во одлуката е наведено дека третата фирма имала договор со државата за купување на рафинеријата во Миладиновци пред повеќе од две децении.

Ова е шемата на фирмите од одлуката на Антикорупциска, а кога ќе се избришат стрелките од анонимизираната одлука, излегува дека министерот Бектеши, тогашниот директот на ЕСМ Ковачевски и група на државни службеници од Економија и ЕСМ со своите постапки искреирале определена состојба на енергетскиот пазар, и целиот цитат гласи:

-Со цел предизвикување на криза и пораст на цената на мазутот и со тоа остварување профит за РКМ ДОО Скопје, ОКТА Скопје, и Hellenik Energy Holdings од Грција (поранешен назив Хеленик Петролеум од Грција), доминантен индиректен сопственик на ОКТА Скопје, на штета на јавниот интерес на РСМ, стопанството и граѓаните на РСМ и пораст на цената на електричната енергија, а ова по пат на тргување со инсајдерски информации по однос на потребната количина за набавка на мазут, за рестартирање на двата блока во АД ТЕЦ Неготино и капацитетот за испорака на мазутот преку нафтоводот кој не е функционален, стои во одлуката на ДКСК.

Трговија или комисион

Според ова, ДКСК тврди дека имало игри со цената на мазутот која предизвикала поскапување на цената на електричната енергија, при што е остварен несоодветен профит на штета на јавниот интерес. Но, тоа не е се, ДКСК наведува дека немало трговија или препродажба туку друг вид на зделка, комисион.

Комисион е вид на зделка кога се избегнува директна врска меѓу продавачот и купувачот туку меѓу нив се става уште една фирма која не врши купување од продавачот па препродавање на стоката туку стоката оди директно од продвачот кон купувачот, а третата средна фирма е за пренасочување на парите, е одговорна за документацијата и дава или стои зад определени услуги потребни да се реализира зделката.

И повторно кога ќе се сменат цртките во анонимизираната одлука, Антикорупционерите утврдиле дека набавката била реализирана:

На начин така што, се овозможило ОКТА Скопје да го отстапи пазарот на мазут на нејзиниот доминантен индиректен сопственик Hellenik Energy Holdings од Грција, (поранешен назив Хеленик Петролеум од Грција), при што мазутот преку комисион, во камионски цистерни, а во организација на РКМ ДОО Скопје бил директно испорачан на АД ТЕЦ Неготино, преку уцена, измама, злоупотреба на јавен повик и со прекршување на меѓународен договор, на штета на интересот на РС Македонија, стои во одлуката на ДКСК.

Одлуката е доставена во 6 институции

Сите овие наводи и целата одлука на ДКСК е испратена во 6 државни институции, прво во обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција за како што е наведено „за кривично гонење на сите инволвирани страни во случајот.“  Целиот извештај е доставен и до владата за да разгледа можност и да покрене меѓународен спор со Хеленик за евентуално прекршување на меѓународниот договор за купопродажба на рафинеријата која сега е ОКТА поради некористење на нафтоводот.

Антикорупциската комисија има иницијатива до регулаторната комисија за енергетика од која поради сомнежи за намерна директна интервенција со понудата на пазарот за мазут, бара  утврдување на одговорност за РКМ и Окта, поради предизвикување на криза и пораст на цената на мазутот, а со тоа и на цената на струјата.

До УЈП и Финансиската полиција е поднесена информација за проверка на сомнежи за даночно затајување со ДДВ и данок на добивка, како и евазија на таканаречениот солидарен данок од страна на продавчот на мазут.

Најсериозно е барањето упатено до Комисијата за заштита на конкуренција да ја спроведе регулативата на ЕУ (РЕМИТ) за Интегритет и транспарентност на енергетскиот пазар. Од Антимонополската комисија се бара утврдување на одговорност од компаниите Окта и нејзиниот сопственик Хеленик поради сомнежи за „монополско и непријателско здружување“ на пазарот на мазут во Македонија.

Институциите тврдат дека се постапува-РКМ платил „данок на солидарноста“

КОД испрати прашања до сите 6 институции кои се известени за откритијата на Антикорупциска. Од обвинителството ни одговорија дека е отворен предмет по доставената иницијатива.

-Иницијативата е примена во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на 02.01.2024 година и е распределена кај јавен обвинител на постапување. Јавниот обвинител согласно своите надлежности ги презема сите неопходни дејствија за испитување на наводите во иницијативата по што ќе биде донесена соодветна јавнообвинителска одлука, одговорија од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција.

Проверки се вршат и во регулаторната комисија, ни одговорија.

-РКЕ ја доби Одлуката од ДКСК во рамки на своите ингеренции отпочна со проверка на податоците и наводите наведени од страна на ДКСК. Доколку се утврди дека наведените правни субјекти намерно предизвикале нарушување на конкуренцијата на пазарот со мазут, односно дека вештачки е предизвикан пораст на неговата цена со што се влијаело и на пораст на цената на електричната енергија, ќе бидат преземени соодветни мерки и активности во рамки на надлежностите утврдени со Законот за енергетика и другите соодветни подзаконски акти, а воедно ќе биде информирана и јавноста и другите релевантни институции, одговорија од Регулаторна комисија за енергетика.

Регулаторната комисија во одговорот ги посочи и законските одредби за одземање на лиценца за енергетска дејност, како што бара ДКСК, како и процедурата за одземање на лиценци.

УЈП пак ни одговори дека РКМ како компанија влегла и се пријавила меѓу оние компании кои ја зголемиле својата добивка и биле должни да платат солидарен данок. Со тоа се покажува дека РКМ освен зголемен приход кој за една година пораснал за над 1.200 проценти и првпат надминал 10 милиони евра имала и зголемена добивка односно профитот во 2022-ра и се зголемил за над неверојатни 2.700 проценти во однос на претходната година.

Тоа е огромен пораст дури и за критериумите за солидарен данок, за тоа даночниот обврзник требаше да има зголемен профит од само 20 проценти во однос на претходната година. А овие неверојатни бизнис растежи на РКМ се направени преку активностите кои се сомнителни за Антикорупциската комисија. И од УЈП одговорија дека работат по иницијативата.

-УЈП ажурно  постапува по примените барања/иницијативи од надлежните институции , вклучително и ДКСК за проверка на работењето на одредени компании за кои има сомневање за незаконско работење, одговорија од УЈП на прашањата на КОД.

Владата чиј министер е опфатен со иницијативата на ДКСК, финансиската полиција и Комисијата за заштита на конкуренција не одговорија на прашањата до монтирањето на емисијата.

Сомнежите на Антикорупциска комисија

КОД во повеќе продолженија ги истражуваше зделките на ЕСМ И РКМ за мазутот. Се случуваа среде енергетска криза која беше прогласена од страна на владата. Се почнува со првиот тендер за набавка во 2021-ва година. Првин се барале 38 илјади тони, но потоа со анекс количината на мазут е зголемена. Тогаш КОД откри и дека цената на транспортот на мазут е повисока речиси тројно од редовната цена на деривати со цистерни.

Токму одговорот на ОКТА на еден од јавните повици на ЕСМ, предизвикал сомнежи кај антикорупциската комисија. Тврделе дека не може да организираат превоз на 1.200 тони мазут дневно и дека тоа е тешко. Кога ДКСК се вратила наназад во 1999-та кога Македонија ја продаде рафинеријата на Хеленик и беше формирана ОКТА, државата се обврза да купува по 500-тини илјади тони мазут годишно.

Договорот истече во 2019-та. Три години подоцна ОКТА, фирмата-ќерка на Хеленик на ЕСМ одговара дека не може да испорача 1200 тони дневно, што на годишно ниво е 438 илјади тони мазут. Или помалку од она што државата требало да го купува со години.

Арбитражи: изгубени над 61 милион евра

Апсурдноста на овие бројки е во тоа што државата преку арбитража на меѓународниот суд во Париз двапати беше осудена и требаше на Хеленик односно ОКТА да и плати вкупно над 61 милион евра отштета бидејќи не набавувала доволно количина мазут од Хеленик. Втората пресуда е од лани во декември, тогаш отштетата која Македонија требало да ја плати на ОКТА/Хеленик изнесувала 21,6 милиони евра.

Во периодот од една година пред втората пресуда,  токму ОКТА сама одговорила дека не може да ја испорача количината на мазут на Македонија. Тоа е ставено во понудата на јавниот повик на ЕСМ за купување на 38 илјади тони мазут кога ОКТА едноставно и ја препуштила зделката на РКМ.

Но, ДКСК тврди дека согласно бројките и анализите е докажано дека првите 38 илјади тони не биле продадени на ЕСМ од страна на РКМ туку фирмата РКМ само послужила за зделката позната како комисион, односно прикривање на директниот извоз на мазут од Грците кон ЕСМ.

Поради тоа се бара владата да покрене меѓународен спор против грчката фирма поради непочитување на договорот. Хеленик двапати зел пари за несипорачан мазут. А кога и требало на Македонија мазут среде криза, Грците тврдел дека не може да испорачаат колку што се бара на дневна основа.

КОД побара одговори од ОКТА и Хеленик холдингс, за овие прашања. Од ОКТА ни одговорија дека мора да се консултираат со централата во Грција по што во понеделник, ден по емисијата ќе ни одговорат.

Крешник Бектеши првпат слушна од КОД за иницијативата до обвинителство за него

Во шемата на државни службеници кои според ДКСК сториле злоупотреби е и министерот за економија. Крешник Бектеши. Во министерството и нему лично му поставивме прашања за случајот, а тој за првпат од КОД слушна дека и тој е дел од иницијативите на ДКСК.

По првичниот преглед на иницијативата и документот на ДКСК ни рече дека антикорупционерите имаат направено сериозни грешки бидејќи Економија и тој лично немаат никаква законска надлежност во полето на енергетиката.

Став на Крешник Бектеши, Министер за економија:

Како прво, ДКСК до мене лично ниту до министерството не доставило ниту едно барање или информација. Сметам дека требало да бараат став од Министерството за економија, како што е направено со другите спомнати институции. Зошто не е направено тоа, прашајте ги нив. Второ, никаков извештај од ДКСК не е доставен до нас за разгледување. Нема никаква иницијатива доставена од нивна страна. ДКСК нека излезе во јавност да соопшти.

Вториот функциоенр е веќе екс, беше директор на ЕСМ, сега работи во компанијата откако поднесе оставка од функцијата. Пред Нова година Ковачевски одговори за Телма со став за иницијативите на Антикорупциска.

Став на Васко Ковачевски (27.12.2023.)

Не знам за какви наводни неправилности станува збор. Постапката за набавка на мазут за работа на ТЕЦ Неготино е спроведена согласно законите и прописите во РСМ. Истата беше јавна и транспарентна, и често пати објаснувана на јавноста. Поздрав!

Поздрав прати и антикорупциска комисија, со сериозни обвинувања. На претпоследната страна во својата одлука, ДКСК констатира дека согласно нивните анализи „се отвораат сомнежи за искористување и злоупотреба на службена положба и овластувања од страна на службени лица од Министерство за економија, влада на РСМ и ЕСМ“.

Миомир Серафиновиќ

Прилогот е емитуван во емисијата „Со мазут до екстра профит преку ТЕЦ Неготино, кражба на ДДВ и тетовски ДУП“ на 21.01.2024.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Француската полиција застрела маж кој се обидувал да запали синагога во Руен

Дејан Дејан

Пронашле граната од Прва Светска војна и ја однеле во полициска станица

Дејан Дејан

„Пикасо можеби јас“ изложба на македонскиот керамичар Филип Фидановски во Загреб

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе