Вести Македонија

За едни пристигна лекот Трикафта, за други остана надежта-борба на пациентите со цистична фиброза и оваа година

Оваа година започна среќно за дел од пациентите кои беа во исчекување на лекот Трикафта. Последниот работен ден од минатата година – во петокот, уште двајца пациенти го добија лекот. Во моментот тие се наоѓаат на Клиниката за детски болести и нивната здравствена состојба е стабилна. Во новата година, пациентите со цистична фиброза добиваат подобар квалитет на живот, стои во објавата на Министерството за здравство.

„На крајот на 2023 година започна лекувањето со модулаторна терапија кај две пациентки со цистична фиброза. Тие се во првата група на пациенти според тежината на болеста, а проценети од работната група формирана од министерството за здравство. Во моментот се во стабилна состојба и ние планираме оваа недела да почнеме лекување на уште четири пациенти на Клиниката за детски болести. Тие во моментот се хоспитализирани и ги вршиме потребните испитувања пред почетокот на терапијата“, изјави Валентина Цвејоска Чолаковска, директорка на Клиниката за детски болести.

Додека едни го добија лекот и нивното здравје почна да се подобрува, другите останаа да живеат во надеж дека оваа година и тие ќе го добијат. Еден од тие кои се во исчекување е и Игор Пехчевски, кој прв алармираше во медиумите за недостигот на терапија. Тој се надева дека надлежните ќе ги исполнат нивните ветувања за Пехчевски да добие Трикафта до крајот на месец jануари.

„Се надевам дека во текот на денот или најдоцна во утрешниот ден ќе добијам повик од докторките на Детска клиника. Како што и беше најавено од докторката Фуштиќ дека во првата недела од новата година ќе го добијам лекот. Еве веќе сме втор ден од новата година, а јас немам никаков повик од Детската клиника за да го примам лекот“, изјави Игор Пехчевски, пациент со цистична фиброза.

Во текот на утрешниот ден уште двајца пациенти ќе го добијат лекот Трикафта, а со тоа бројот на лицата кои го примаат овој лек ќе се искачи на 16. За следниот период надлежните најавуваат дека повеќе пациенти според етапи ќе ја добијат терапијата. Алармот за неопходноста од лекот Трикафта за пациентите со цистична фиброза го крена Благојче Илијевски, кој почина на 8 февруари минатата година, чекајќи го лекот.

Тамара Марковска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ВИДЕО: Невреме во Струга

Дејан Дејан

Обид за физички напад врз претседателката на Уставниот Суд

Дејан Дејан

Крени глас: Со позитивна енергија против врсничкото насилство

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе