Вести Свет Топ вести

Убиецот стрелал во студентите во глава, грб и во гради – утрешниот ден прогласен за ден на жалост во Чешка

Чешките власти соопштија дека утврдиле смрт на 14 лица во масакрот на Универзитетот во Прага. Сите убиени се идентификувани, меѓу нив има и тројца странски државјани, двајца Холанѓани и еден државјанин на Обединетите Арапски Емирати.  Уште 30 луѓе се повредени, а здравствените институции соопштија дека состојбата на ранетите е стабилизирана иако неколкумина се во тешка состојба. Полицијата на јавноста и ги покажа снимките од нивната акција внатре во Карловиот унивезитет.

Убиецот ги застрелал своите жртви во глава, грб и во гради. Преживеаните раскажуваат дека убиецот се шетал од предавална во предавална и пукал во луѓето кои ќе ги начекал внатре.

Се спуштивме кат подолу и се сокривме во една училница. Легнавме под клупите. Од 4-тиот кат се слушаа истрели. Постојано. Личеше на егзекуција. Потоа се појавија полицајци со автоматски пушки и бевме евакуирани од зградата, раскажала студентка за чешките медиуми.

Во шок се и студентите кои не биле и директни сведоци. Голем дел од нив помислиле дека станува збор за филмска сцена, но брзо сфатиле дека ситуацијата е реална.

Кога бев на аголот од зградата, наеднаш видов дека има многу луѓе и од некаде горе се слушна тресок. Првата помисла ми беше дека тоа е само некоја петарда, некоја топовска граѓа, или некој се шегува.. Мозокот автоматски и апсолутно ја отфрли ситуацијата. Набргу, луѓето почнаа да брзаат надвор од вратата на зградата кон мене. Бев во таа толпа, и не мина долго време кога ја видов специјалната полиција. Беа во полна спрема: панцири, шлемови и автоматски пушки; некои од нив имаа штитови. Помислив дека сум во филм, како да снимаат нешто. Но, ми беше јасно дека ништо не снимаат, дека нешто се случува, раскажува ИВО ХАВРАНЕК, СВЕДОК 

Убиецот е елиминиран, а пред да биде застрелан со оружјето од терасата на факултетот пукал кон минувачи на мостот кој води кон факултетската зграда. Полицијата соопшти дека се самоубил откако видел дека бил опколен од сите страни. Идентификуван е како 24-годишен студент Давид Козак, кој пред масакрот, излегол од својата куќа во селото Кладно кај Прага, каде е најдено телото на неговиот убиен татко.

Се истражува дали тој е поврзан со двојно убиство извршено во шума-парк во близина на Прага кога биле убиени двомесечно бебе и нејзиниот 32-годишен татко.

Масакрот во Прага е злосторство со најмногу жртви во Чешка, а владата за утре прогласи ден на жалост.

Алиса Шутиноска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Судот во Лондон утре ќе одлучува за екстрадицијата на Асанж во Америка

Дејан Дејан

Вучиќ најави дека утре ќе отпатува во Њујорк за да се спротивстави на усвојувањето на резолуцијата за Сребреница

Дејан Дејан

Нетанјаху го обвини Ганц дека „му дал ултиматум на премиерот, наместо на Хамас”

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе