Вести Свет

Постигнат договор за измени на законодавството на ЕУ за полициска соработка

Преговарачите на Советот на ЕУ, претставени од шпанското претседателство со Унијата, и на Европскиот парламент доцна синоќа постигнаа политички договор за измени на законската регулатива за полициска соработка на блокот, во делот што би овозможил автоматска размена на податоци во справувањето со криминалот.

По постигнувањето на договорот за содржината на законскиот текст, шпанскиот министер за внатрешни работи Фернандо Гранде-Марласка Гомез истакна дека тој ќе овозможи зајакнување на борбата против криминалот, што претставува заеднички интерес и одговорност на земјите членки на ЕУ.

Договорот ќе ја зголеми безбедноста на европските граѓани, бидејќи полициите ќе може брзо да извршат пребарување за ДНК податоци, отпечатоци од прсти, фотографии од лица, регистрации на возила и полициски досиеја во базите на органите за спроведување на редот низ Европа, истакна Гомез.

Постоечката законска рамка, како што јави дописникот на МИА од Брисел, им овозможува на истражните органи да ги користат националните бази на податоци на другите земји членки на ЕУ во делот на отпечатоци од прсти и податоци за ДНК и за регистрација на возила и доколку се најде „совпаѓање“, тие потоа можат да побараат детални информации од нивните странски колеги.

Со договорените измени се предвидува автоматска размена на информации во рок од 48 часа и се проширува опсегот до информации со пристап и до фотографии на лица и полициски досиеја. Освен тоа, доколку дозволува националниот закон на земјата членка, ќе биде можна проверка на сите достапни податоци при потрага по исчезнати лица или за идентификација на човечки останки.

Измените предвидуваат и модернизација на техничката инфраструктура за размена на информации и воспоставување врски помеѓу земјите членки, како и со Европол, за пристапот до податоци.

Истовремено, се зајакнува и улогата на Европол, кој ќе има можност да пребарува во национални бази на податоци на членките на ЕУ со цел проверка на информациите добиени од трети земји.

Целта на предлогот за измена на законодавството за полициска соработка е да се зајакне, рационализира и олесни размената на информации меѓу земјите членки и со Европол и да им се обезбедат на истражните органи подобрени алатки за борба против криминалот.

Договорот текст сега ќе биде доставен на одобрување до Советот на постојаните претставници на земјите членки на Унијата (Корепер), по што тој треба формално да биде усвоен и од Советот на ЕУ и од Европскиот парламент.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ВИДЕО: Невреме во Струга

Дејан Дејан

Обид за физички напад врз претседателката на Уставниот Суд

Дејан Дејан

Крени глас: Со позитивна енергија против врсничкото насилство

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе