Европската перспектива на земјата или, поинаку кажано, уставните измени беа неизбежна тема на разговорите што специјалниот германски пратеник за Западен Балкан, Мануел Сарацин ги имаше во Скопје.
„Сојузна Република Германија посакува процесот на уставни измени да се заокружи што е можно поскоро“, му рекол Сарацин на претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Предупредил дека постои можност во декември да се отворат преговори и со Украина, но Македонија ризикува да се одвои од другите земји.
„Важно е како ќе биде формулирано прашањето за донесување уставни измени, но уште поважно е да не се потценува временскиот период за нивно донесување“, нагласил специјалниот германски пратеник.
Но, ВМРО ДПМНЕ не отстапува и на гостинот од Германија му повторила дека Уставот нема да се смени под бугарски диктат. Претседателот Христијан Мицкоски говорел за други теми – за последните измени на Кривичниот законик, за немањето учебници, за проблемите во економијата, високата инфлација и друго, што, според него, е потврда дека „власта е далеку од споделување европски вредности и цели“.
Сарацин беше во Македонија во мај, а потоа и во јуни на Преспа форумот. И тогаш порача дека уставните измени се услов за интеграција на земјата во ЕУ и дека нереално е да се очекува повторно отворање на Преговарачката рамка.
Утре тој ќе учествува на регионален настан за „Унапредување на Берлинскиот процес преку парламентарна демократија“. Клучно излагање ќе има германскиот министер за надворешни работи Михаел Рот. Посетите говорат за засилена дипломатска офанзива, особено германска, поврзана со уставните измени и неможноста да се обезбеди дво-третинско мнозинство, неопходно уште во првата фаза од собраниската процедура.
Соња Николовска