Македонија

Владата најавува комуникација со секој пратеник за уставните измени

Интензивирана комуникација со секој пратеник во наредниот период, најави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во врска со уставните измени откако расправата за нивно усвојување заврши во Собранието. Се уште е неизвесно дали и кога ќе се гласа за отварање на Уставот, но ако се суди според зборовите на Маричиќ тоа ќе се случи најдоцна наредниот месец.

„Ние очекуваме до септември-октомври јасно да се издвојат двата политички блока, едниот којшто е за членство во ЕУ што побрзо и другиот којшто е против членство во ЕУ и којшто смета дека имаме време за чекање. Чекањето е стратегија што ќе ја испразни нашата земја од млади луѓе и којашто ќе ја убие надежта за ЕУ“, изјави Маричиќ во интервју за „Специјал на денот“, на МРТВ 2.

Вицепремиерот е оптимист дека сите пратеници во Собранието ќе разберат во каков поволен момент се наоѓа државата и дека можноста за влез во ЕУ во 2030 е достижна. Но, експресно беше демантиран од ВМРО-ДПМНЕ.

„Веќе година дена го слушаме Маричиќ како се обидува да прошири некаква информација дека се разговара со ВМРО-ДПМНЕ. Беше тоа на телефони, па сега ветуваат дека ќе разговараат со пратеници. Тоа се само лаги што нема да променат ништо. Во интерес на вистината и во интерес на времето еве ќе упатиме уште еден апел гласањето за уставни измени веднаш да биде ставено на дневен ред“, рече на прес-конференција денеска портпаролот на опозициската партија, Наум Стоилковски.

Расправата по Предлогот на Владата во Уставот да се додадат шест народи, меѓу кои и бугарскиот заврши во еден ден. Пратениците од ВМРО ДПМНЕ и тогаш побараа веднаш да се гласа за измените, бидејќи се уверени дека власта нема дво-третинска поддршка. Собранискиот спикер Талат Џафери изјави дека тој ќе оцени кога се исполнети условите за точката да биде ставена на гласање.

Премиерот Димитар Ковачевски во петокот изјави дека главната одлука на овој собраниски состав е давање на глас за продолжување на евроинтеграциите. За него власта води рационална дискусија за уставните измени разлика од ВМРО-ДПМНЕ, која го прави спротивното.

„Гледате дека во јавноста нема никакви забелешки во однос на содржината на амандманите. Исто така нема никакви забелешки за постапката која се води и сметам дека на крајот треба да резултира со изгласување на потребните одлуки, отворање на поглавјата за што побрзо пристапување во ЕУ“, рече Ковачевски при посетата на градската болница 8 септември.

Процедурата за измените може да продолжи ако Предлогот добие најмалку 80 пратенички гласа. Тоа е невозможно без гласовите на ВМРО ДПМНЕ, која е против.

Марија Митевска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ВИДЕО: Невреме во Струга

Дејан Дејан

Обид за физички напад врз претседателката на Уставниот Суд

Дејан Дејан

Крени глас: Со позитивна енергија против врсничкото насилство

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе