Вести Свет Топ вести

Платете репарации, извинувањето не е доволно – Полска со порака до Германија по повод 84 години од почетокот на Втората светска војна

Полска денеска одбележува 84 години од почетокот на Втората светска војна. Премиерот Матеуш Моравјецки и порача на Германија дека нејзиното извинување за злосторствата и уништувањето не е доволно, туку дека мора да плати воени репарации за да можат двете земји да функционираат нормално.

„Полска и Германија денес се партнери во Европската унија, но за да можат да функционираат во иднина мора да го затворат тоа поглавје од Втората светска војна. Не е доволно „паметиме“. Треба да ги обесштетиме жртвите. Ние не бараме само сеќавање и вистина, туку сатисфакција во вид на репарации за да можеме да го затвориме тоа поглавје од историјата“, рече Моравјецки.

Централното одбележување на 84-годишнината од почетокот на Втората светска војна почна во 4:45 часот во Вилун, првиот полски град што беше бомбардиран, и на полуостровот Вестерплате кај Гдањск, каде што беа испукани првите салви од германскиот воен брод Шлезвиг-Холштајн врз полскиот гарнизон на тој полуостров на Балтикот на 1 септември 1939 година со што формално почна Втората светска војна.

Претседателот на Полска Анджеј Дуда и министерот за одбрана Мариуш Блашчак им оддадоа почит на бранителите на Вестерплате и војниците кои загинаа во Втората светска војна и порачаа дека Полска, особено по руската агресија врз Украина, мора да ја зајакне армијата и нејзината способност да заплашува за во иднина да не мора да војува.

„Мораме да жртвуваме многу од нашите потреби за да ја зајакнеме нашата војска навреме, за генералот да биде мудар пред битката, а не по неа, пред некој лудак да помисли да ни ја заземе земјата, да мисли дека може да не нападне затоа што сме слаби“, рече Дуда на церемонијата на Вестерплате.

Полскиот претседател ја обвини Русија дека повторно се обидува насилно да ги промени границите во Европа и им порача на Полјаците да не бидат наивни и да мислат дека ова е последен таков обид.

„Ништо нема да ја смени историската вистина и документите што постојат. Црвена звезда рамо до рамо со свастиката сакаше да доминира во Европа. Земјата на Полјаците, Литванците, Летонците, Естонците е преплавена со крв. Слободата не се дава еднаш засекогаш. И нема да се зачува сама. Никој нема да ни ја подари“, рече полскиот претседател оддавајќи им почит на бранителите на Вестерплате.

Тој потсети дека Полска беше првата жртва на фашистичка Германија на 1 септември 1939 година и оти на 17 септември и Советскиот Сојуз ја нападна Полска и заедно со Хитлер ја распарчи.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Поништен е тендерот за прскање против комарци во Скопје, прескокнат е терминот за прскање за ларви, а комарците веќе се намножија

Дејан Дејан

Неоправдано и без основа е зголемувањето на цените на автомобилското осигурување, одлучи АСО

Дејан Дејан

Директорката на Токсикологија со преведувачка пред инспектори, се уште доаѓаат на работа и лекуваат и оние 11 кои не се вработени

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе