Вести Македонија Топ вести

Седницата за уставните измени на 18 август, ќе трае најмногу 10 дена, неизвесно е кога ќе се гласа

Собраниската дебата за уставните измени ќе започне на пленарната седница закажана за 18 август, ќе трае најмногу 10 работни дена, но неизвесно е дали ќе се гласа на последниот ден од расправата. Можноста гласањето за уставните измени да биде одложено додека не се обезбеди мнозинство, ја навести претседателот на Собранието, Талат Џафери денеска на редовниот брифинг со новинарите. Тој вели дека Деловникот дозволува гласањето да биде и во друг термин, откако ќе заврши расправата.

„Чинот на гласање не е врзан за последниот ден. Тоа да биде јасно во поглед на постапките. Тоа го предвидува и Деловникот, а тоа го покажува и праксата претходно од слични иницијативи за уставни измени, затоа што Собранието одлучува доколку го има потребно мнозинство за одлучување. Формално Собранието ќе почне со расправа на 18 август, а чинот на гласање дали ќе биде по завршување на расправата или ќе биде одложено, зависи од конкретната состојба“, изјави Џафери.

ВМРО-ДПМНЕ секојдневно го повторува ставот дека нема да поддржи уставни измени под бугарски диктат. Мицкоски денеска уште еднаш кажа дека 44-те пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ се единствениот гарант оти ваквите уставни измени нема да минат, со што јасно е дека власта нема двотретинско мнозинство.

„Ако имаа двотретинско мнозинство, уставните измени ќе беа веќе на маса. Јасно е дека немаат две третини, сега веќе борбата кај поединци во Владата не е за уставните измени, борбата е како да го минат месец август и дополнително да манипулираат со граѓаните и со јавноста, бидејќи се под избори за избори на есен“, рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Потребно е двотретинско мнозинство или најмалку гласови на 80 пратеници за отворање на Уставот и промена на Преамбулата со впишување на Бугарите во неа како и делови од уште пет други народи кои живеат во Македонија – Хрвати, Словенци, Црногорци, Египќани и Евреи. Пратеникот Инес Ибрахим, кој е дел од владеачкото мнозинство деновиве, изјави дека нема да гласа за уставните измени.

Емилија Мисирлиевски

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Судот во Лондон утре ќе одлучува за екстрадицијата на Асанж во Америка

Дејан Дејан

Вучиќ најави дека утре ќе отпатува во Њујорк за да се спротивстави на усвојувањето на резолуцијата за Сребреница

Дејан Дејан

Нетанјаху го обвини Ганц дека „му дал ултиматум на премиерот, наместо на Хамас”

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе