Вести Македонија Топ вести

Пендаровски: Судството не може да биде подолу од тоа што е

Судството не може да биде подолу од тоа што е. Ова е констатација на претседателот на државата, Стево Пендаровски, дадена во интервју за неделникот „Фокус“, во кое тој наведува дека и нема потреба од тоа тој лично да дава оценка за правосудството, туку дека тоа го прават граѓаните. Според Пендаровски, во правосудството има проблеми уште од 1990 година, поради тоа што никогаш не станало независно од центрите на политичка, а уште повеќе на економска моќ. За можните решенија за правосудството Пендаровски е на став дека не смета дека се можни брзи решенија, на краток рок.

„Пред се затоа што ние во изминативе 30 години, секоја политичка гарнитура, некоја повеќе, некоја помалку, во суштина, ја етаблиравме, политиката на неказнивост. Не постои висок функционер што завршил в затвор додека ’неговите’ се на власт, нема судија или обвинител што завршил в затвор во време кога е перципиран како судија од „нашите“ тефтерчиња. Без казнивост на луѓе кои очигледно не ги почитуваат законите , нема напредок“, вели Пендаровски во интервјуто.

Шефот на државата дава свој коментар и за пресметките на македонското подземје кои се случија во земјава, но и во соседството, како неодамнешното во Грција, а кои сè уште не се расветлени – без осомничени и не стасале до суд. Тој притоа на прашањето дали мафијата е помоќна од државата одговара со: „Не“.

„Не, лошо е тоа што во овие случаи се гледа дека мафијата има поддршка од моќни луѓе во државниот апарат. Ако не процесуираш некое убиство извршено пред очевидци, тоа значи дека некој доволно моќен рекол – немој да процесуираш“, вели Пендаровски.

Инаку кога станува збор за реформите во правосудството, Пендаровски вели дека во 2016 година кога се зборувало за спроведување на процес на ветинг, од Европа стигнало предупредување за лошото искуство на Албанија со ветингот во судството и оти не треба да се размислува во таа насока. Пендаровски денес е на став дека да се направел ветингот, тој можеби ќе дал некакви резултати, веројатно, како што вели, подобри од сегашните.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Судот во Лондон утре ќе одлучува за екстрадицијата на Асанж во Америка

Дејан Дејан

Вучиќ најави дека утре ќе отпатува во Њујорк за да се спротивстави на усвојувањето на резолуцијата за Сребреница

Дејан Дејан

Нетанјаху го обвини Ганц дека „му дал ултиматум на премиерот, наместо на Хамас”

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе