Вести Македонија Топ вести

Институциите задолжени за европска помош не знаат за кои четири проекти лани антикорупционерите на ЕУ воделе истрага

Клучните институции задолжени за координација и следење на европските фондови во Македонија сѐ уште без информации кој, колку и на кој начин ги злоупотребил или направил други прекршоци во користење на европските фондови, кои се најдоа во последниот извештај на Европската служба против измами – ОЛАФ. Одговор на истото прашање не дава ни европската Агенција, од каде на барањето на Телма за повеќе детали за нивните истраги и препраките одговорија дека не можат да дадат повеќе детали за тоа дали, или на кое ниво, биле извршени наводни измами или неправилности во спроведените истраги.

Не сме во позиција да споделуваме детали за поединечни случаи надвор од информациите содржани во годишните извештаи на ОЛАФ. Ова е со цел да се заштити доверливоста на истрагите и можните судски постапки кои следат, како и да се обезбеди почитување на личните податоци и процедуралните права, наведуваат во одговорот од ОЛАФ.

Од македонските институции, Секретаријатот за европски прашања кој е координатор на европските фондови, во одговор за Телма наведуваат дека податоците за евентуална злоупотреба на фондовите и препораките ги имаат други институции.

Фондовите може да бидат спроведувани на директен начин на управување преку Делегацијата на ЕУ како договорен орган или на индиректен начин кога ЦФЦД при Министерството за финансии и/или ИПАРД Платежната агенција настапуваат како договорни органи. Националниот координатор за авторизација при Министерството за финансии и останатите органи како што се Јавно обвинителство, Финансиската полиција и АФКОС ги имаат соодветните информации, се наведува од СЕП.

Од Министерството за финансии пак до овие вести не добивме одговор околу истрагата и препораките од ОЛАФ за Македонија.

Телма побара информација и од Јавното обвинителство, дали до нив е стигната препорака за отворање на истрага од страна на ОЛАФ, но и од таму без конкретен одговор.

Како резултат на ваквата соработка во моментов има два предмети од надлежност на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција што се во судска постапка – предметот против именуван функционер и раководен државен службеник кои ја злоупотребиле службената положба и овластување при спроведување на ИПА Проекти и предметот против против поранешната директорка и двајца вработени во Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Останатите предмети во кои обвинителството соработува со ОЛАФ се во предистражна постапка и за нив не може да се споделат детали, се наведува во одговорот од ЈО за последниот извештај на ОЛАФ за Македонија.

Двата судски процеси кои се наведуваат во соопштението на Јавното обвинителство, се од 2021 година и од 2020 година, што би значело дека не се дел од истрагите од најновиот извештај на ОЛАФ.

Од Министерството за земјоделство, кое е едно од поголемите корисници на европските фондови преку програмата ИПАРД, за ТЕЛМА наведуваат дека не треба да се носат избрзани заклучоци дека истрагите на ОЛАФ мора да завршат со утврдени неправилности.

Без разлика на бројот на отворени истраги, тие не значат дека системот не функционира. Само за пример, ОЛАФ за Албанија истражувал само два предмети, а сепак од понеделник Европската Комисија ќе ги блокира средствата за Албанија поради утврдени неправилности. Затоа сметаме дека нема потреба да се носат избрзани заклучоци, наведуваат за Телма од Министерството за земјоделство.

И амбасадарот на ЕУ во Македонија, Дејвид Гир, денеска не сакаше да навлегува во детали за кои фондови било водено истрага, но рече дека таа засегала многу различен контекст и многу различни субјекти.

Ако истрагата резултира со наоди за сомнеж за криминални активности, тогаш тоа што нормално следи е тие досиеја да му бидат предадени на Обвинителството во земјава и очекуваме тоа да ги разгледа навремено, со сериозен пристап, и да преземе оодветни мерки, изјави денеска Гир.

Инаку според достапните информации на веб-страницата на ОЛАФ за Македонија од 2018 до денеска биле отворени 18 истраги, од кои 7 биле затворени со препораки, а за еден случај нема податок дали е затворен со препорака.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Судот во Лондон утре ќе одлучува за екстрадицијата на Асанж во Америка

Дејан Дејан

Вучиќ најави дека утре ќе отпатува во Њујорк за да се спротивстави на усвојувањето на резолуцијата за Сребреница

Дејан Дејан

Нетанјаху го обвини Ганц дека „му дал ултиматум на премиерот, наместо на Хамас”

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе