Вести Македонија

Алармантен недостиг на кадар во битолската болница

За нешто повеќе од една година бројот на вработени во Клиничката болница во Битола се намали за една третина, па голем дел од болничките одделенија се на работ на опстанокот. Најмногу недостига специјалистички кадар, но и друг медицински, како и помошен персонал. Поради дефицитот некои болнички оддели работат само како амбуланти, а деновиве од тројца педијатри на детското одделение, заминуваат двајца.

Новата директорка, Елзиабета Ивановска, која дојде на функцијата во исклучително сложена состојба во болницата, вели дека се вложуваат максимални напори да се најде решение. Ветува дека ниту едно одделение нема да се затвори.

Најалармантна е состојбата на педијатрија, урологија која работи со еден лекар, неонатологија со еден лекар, инфективно има еден лекар со полно работно време и еден лекар со скратено работно време. Тоа не значи дека на другите одделенија не ни недостасува персонал. Но, овие одделенија се најалармантни, вели Ивановска.

Дел од здравствените работници заминуваат во други болници, дел во странство, а дел од нив одат во пензија. Недостигот засега се надминува со ангажман на лекари од други градови, а се очекува согласност за нови вработувања.

Ние пред една година, година и нешто бевме 900 персонал вкупно, сега сме 630, а до крајот на годината ќе си заминат уште 20 во пензија. Уште претходниот директор имаше испратено барање, немаше ниту едно вработување додека беше тој на позиција. Јас кога дојдов испратив барање за 80 вработувања, меѓу кои и за 20 општи лекари, чекаме согласност за вработувања, вели Ивановска.

Директорката потврдува дека двата немили настани, смртта на малата Јана и новороденчето кое почина при породување, силно се одразија на работата на  битолската болница, создадоа недоверба кај пациентите и притисок врз лекарите. Тоа ја усложнува и онака тешката состојба, а Ивановска смета дека со многу работа и взаемна поддршка ќе се врати угледот на некогаш реномираната Клиничка болница во Битола.

Емилија Мисирлиевска

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Обид за физички напад врз претседателката на Уставниот Суд

Дејан Дејан

Крени глас: Со позитивна енергија против врсничкото насилство

Дејан Дејан

Ахмети, ги обвини СДМ и ВМРО-ДПМНЕ за прегласувањето во седумте избирачки места

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе