Вести Македонија Најважни

Сите ученици знаат дека во нивниот клас доаѓаат деца со нож во ранец- страшни сведоштва на возрасните, државата први мерки најави до петок

Врсничкото насилство со години се провлекува низ ходниците и училниците и никој не го решава. Просведочениот хорор во основно училиште во Србија, за надлежните е доволен за сега да испорачаат рокови и ветувања за почеток на реформи во образовниот систем.

Најпрво некој да ги извади училишните психолози и педагози од бирократијата во која се заглавени, па наместо да бројат неоправдани отсуства, да се зафатат со работа со учениците – ова се само дел од коментарите кои произлегоа на денешната дебата со наслов „Стоп за насилството“.

Министерот за образование кажа дека до крајот на неделата ќе се финализираат првите чекори, за побезбедни училишта.

„Освен упатствата, до крајот на неделата сме во фаза на препораки наменети за училиштата за итно превенирање и постапување во случај на насилство.“ – вели министерот за образование и наука, Јетон Шаќири.

Надлежните креираа и електронска адреса за пријавување насилство.

Таму анонимно, но веќе и јавно – сѐ погласно се зборува за меѓуврсничкото насилство.

Актерката Весна Петрушевска која едуцира млади актери, разговарала со децата за оваа актуелна тема и пред камерите сподели поразителни сведоштва.

„Сите осумдесет ми кажаа дека има ножеви во нивните одделенија. Како вие мислите тоа да го регулирате?! Вчера јас имав осумдесет признанија за врсничко насилство, од кои последното беше како едно дете му седнало во скут на друго машко дете, го триело својот задник, а од спротива го снимале и му се смееле.“  – вели раководителот на актерската школа за млади актери, Весна Петрушевска.

Како прв чекор, надлежните најавија дека ќе биде регулација на интернет просторот и користењето на апликацијата ТикТок за одредени возрасти, како извор за девијантни појави кај младите во реалниот живот.

Колку е тоа ефикасна мерка, анализира професорката Ана Фрицханд. Според неа, можеби и задоцнети се најавените промени во безбедносните протоколи, но важно е од негде да се започне.

„Не смее да се дозволи ниту еден ученик да влезе во училиште со било каков тип на оружје, нека е и играчка. Тоа е оној основен, кој мора да се испочитува од безбедносен аспект. Адолесценцијата е период кога децата се бунтуваат против авторитетите и кога ќе им забраните нешто, тие го прават токму спротивното на тоа за да ви докажат дека и покрај вашата забрана, тие можат истата да ја заобиколат. ТикТок и социјалните мрежи предизвикуваат сериозна штета од аспект на тоа како се користат и за кои цели, како и за што се им е достапно таму на младите.“ – додава Ана Фрицханд, раководител на Институтот за психологија при УКИМ.

Денес, и деканката на штипскиот Правен факултет, Кошевалиска, изјави дека е против намалување на границата за кривична одговорност кај малолетниците затоа што дете под 14 годишна возраст нема оформена свест за да може да му се прекори, но и дека европското законодавство не е под таа граница.

Вчера, тим истражувачи од УКИМ информираа дека 37 отсто од 2.000 анкетирани ученици истакнале дека не им било пријатно или не сакаат ниту да одат на училиште кога биле жртва на врсничко насилство.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Туфегџиќ во „Топ тема“: Завршена е истрагата за таткото на Вања

Дејан Дејан

Прифатени нерегуларностите на изборите за гласачки места во Крушево и Долнени, се одлучува по останатите

Дејан Дејан

Во Шведска зголемена безбедноста на израелските претставништва

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе