Вести Најважни Свет

На таткото на малолетникот кој уби соученици му се заканува затвор од 12 години, во Србија почна тридневна жалост

На Владимир Кецмановиќ, татко на 13 годинишникот кој со план уби осум соученици, чуварот на училиштето, и рани уште шест деца, му се заканува затвор од 12 години. Уапсен е за тешко кривично дело против општата безбедност, а според правниците, би можел да одговара и за други кривични дела. За едно од најтешките масовни убиства во историјата на Србија и првиот ваков случај што се случил во основно училиште, напаѓачот кој нема 14 години, всушност е се уште дете пред законот и неговата судбина е непозната, но последиците за страшното дело ќе ги сноси неговиот татко.

Тоа е законот и тука е крајот на приказната. Евентуално, ако се докаже дека е запоставен, може да им се одземе старателството на родителите и детето да се смести во институција, но тоа е веќе семејно право, а не криминално. Што се однесува до таткото, иако е рано за децидна дефиниција, она за што може, во овој момент, евентуално да одговори е дека ги прекршил прописите за поседување оружје и муниција, објаснува адвокатот Иван Симиќ.

Србија жали по прерано згаснатите детски животи по нападот во училиштето во Белград. Од денеска во земјата е прогласена три дневна жалост. Трагедијата, предизвика широка дебата за општата состојба на нацијата по децениските кризи и конфликти чии последици создадоа состојба на постојана несигурност и нестабилност, заедно со длабоки политички поделби.

Што можете да кажете, ова е трагедија за целата српска нација. Ова е вина на општеството, општеството не успеа. Образованието е уништено. Веќе нема авторитет од наставници, професори како што беше. Очигледно е дека нешто мора да се направи во спротивно ние како народ ќе исчезнеме, смета Видое Дурковиќ, жител на Белград.

Според надлежните се уште не е јасно што е она што го поттикнало 13 годишникот да реагира на таков начин. Сепак заедничкиот став е дека трагедијата го разоткри нивото на насилство присутно во општеството, кое по распадот на Југославија се таложеше со децении и е тешко да се санира.

Одеднаш, живееме во друг свет. Порано живеевме во свет во кој беше невозможно 13-годишник да биде масовен убиец и сега, одеднаш, тоа е можно и мора да прифатиме дека тоа се случи. Луѓето одеднаш беа потресени од реалноста и во океанот на насилство во кој живееме, како растеше со текот на времето и колку нашето општество беше запоставено со децении, тоа е многу тешко да се поправи, вели Драган Попадиќ, професор по психологија на Универзитетот во Белград.

Емоционалната пречувствителност и фрустрација, но и повлекување на детето во себе, се првите знаци дека со него нешто не е во ред, предупредуваат психијатрите. Во тој случај нешто во него се откинува и детето наоѓа решение за проблемот на начин кој му е достапен. Кога има милиони ТВ серии, каде земањето пиштол е начин да се реши проблемот, и  насилството е високо ценето, тоа е  аларм за едно општество да се преиспита што им нудиме на децата. Ние возрасните создаваме средина за децата и тогаш не треба да сме изненадени што нашите деца се агресивни, објаснуваат психијатрите.

Алиса Шутиноска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Нови битки за Преспа: СИРИЗА со осуда за изјавите на Мицкоски, но и со нотирање одговорност за Мицотакис

Дејан Дејан

Дали ќе се раскинува договорот со “Бехтел&Енка” за над милијарда евра вредните коридори?

Дејан Дејан

Милијардата ќе биде европска, но не унгарска, објаснува Мицкоски

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе