Вести Македонија

Коалиција „Сите за правично судење“: Судскиот совет работи незаконски, нетранспарентно што ги разгорува јавните сомнежи за политички влијанија

Коалицијата „Сите за правично судење“ е загрижена за начинот на работењето  на Судскиот совет во последните неколку денови. Велат дека Судскиот совет континуирано отстапува од Законот за Судскиот совет и стандардите за транспаретно и отчетно работење .

Седницата на Судскиот совет на која што требаше да се избира нов Претседател на Советот, најпрво требаше да се одржи на 02.05.2023 година меѓутоа истата беше одложена со образложение дека Советот не е во полн состав. Од страна на Советот беше најавено дека навремено јавно ќе биде објавено ново соопштение за одржување на истата. Денес е констатирано дека соопштението за одржување на 439-тата седница на Судскиот совет е објавено само 15 минути пред самото започнување на седницата, што сериозно допринесува кон намалување на транспарентното работење на Судскиот совет, бидејќи ваквото постапување практично ја спречува јавноста да присуствува на оваа седница и истото може да биде протолкувано како обид на Советот незаконски да оневозможи присуство на јавноста на седницата.

Од Коалицијата објаснуваат дека Законот за Судскиот совет точно определува во кои ситуациии Советот може да донесе одлука за исклучување на јавноста од седниците.

Имено, во член 39 став 2 е наведено дека јавноста може да биде исклучена заради заштита на угледот и интегритетот на судијата или кандидатот за судија, а согласно став 3 кога Советот носи одлука за исклучување на јавноста истиот е должен да ја извести јавноста за причините за таквата одлука. Доколку станува збор за случај во кој Советот треба да донесе одредена одлука по точката за која јавноста би била исклучена, гласањето за одлуката мора да биде јавно исто како и самата одлука за исклучување на јавноста. Тргнувајќи од ваквиот начин на уредување на јавноста за работењето на Судскиот совет неминовно се забележува дека Советот повторно го има прекршено Законот во делот што се однесува на јавноста во постапувањето.

Укажуваат дека денешното тајно одржување на седницата, со образложение дека се расправало за сензитивна тема, односно за меѓучовечките односи во Советот, според Законот за Судскиот совет  не е основ за исклучување на јавноста.

Дополнително, од ваквиот начин на постапување на Советот, се забележува и контрадикторно постапување на Советот во иста ситуација. Така, на седницата одржана на 26.04.2023 година, истата оваа точка беше јавна и граѓаните можеа да ја следат дискусијата и одлучувањето по истата, додека пак на денешната седница, иако се расправаше за истата точка, не беше дозволено присуство на јавноста. Дотолку повеќе што Советот согласно законот не објави јавно дека ќе се одржи седница, а воедно ниту даде образложение на причините за носење на таква одлука. Со ваквото постапување на Советот, уште еднаш се потврдува фактот за незаконското работење на Советот, како и нетранспарентото работење на истиот што сериозно ги разгорува јавните сомнежи за политички влијанија во истиот.

Иако Советот наведе дека на веб страната се објавени одлуки за разрешување на Претседателот на Советот, неизбежно е да се нотира дека ниту одлуките за разрешување, ниту пак записниците од одржаните седници не се јавно објавени, туку само е објавено соопштение за повлекување на одлуката донесена на 26.04.2023г. Сепак, се наметнува како поважно прашање од кои причини Советот се обидува на секој можен начин ваквите одлуки да ги донесе зад затворени врати, па дури и со незаконско исклучување на јавноста од својата работа кога одлучува и дискутира за вака специфични прашања кои го засегаат неговото работење?

Коалицијата констатира дека аргументите и образложенијата на дадените гласови „за“ определен предлог се многу апстрактни, општи и генерички, па од истите не може да се добие ниту приближна претстава поради кои причини членовите на Советот поддржуваат определен предлог.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Израел одговара пред Меѓународниот суд на правдата за геноцид- Јужна Африка бара судот да нареди прекин на огнот во Газа

Дејан Дејан

Француската полиција застрела маж кој се обидувал да запали синагога во Руен

Дејан Дејан

Пронашле граната од Прва Светска војна и ја однеле во полициска станица

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе