Вести Македонија Топ вести

Грковска: Случувањата во Судски совет се поразителни и срамни за државата

Во однос на последните случувања во Судскиот совет со свој коментар на Фејсбук се огласи и вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска. Таа вели дека поразително е што ова тело наместо да се грижи за угледот на судиите и довербата на граѓаните кон судството манифестира прекршување на процедурите и постапките во самото работење на Советот.

Од надлежните институции вели дека очекува да покренат постапки на повеќе нивоа, зошто според Грковска одмолчувањето и игнорирањето ќе значи сериозно дерогирање на целото општество.

Вицепремиерката додава и дека Ваквото однесување на членовите на Судскиот совет е срамно не само за нив туку и за државата. Телото кое е задолжено да ја оценува работата на судиите и судовите во земјава, мора да биде пример за професионалност и законито работење.

Во продолжение ви го пренесуваме во целост статусот на вицепремиерката Славица Грковска:

Многупати сум потенцирала дека од нас самите зависи во какво општество живееме, и дека секој треба да носи индивидуална одговорност во зависност од тоа на која позиција е.

Во година која е клучна за суштински напредок во европската интеграција на нашата татковина, од сите се бара поголема зрелост, мудрост и одговорност за работењето и функционирањето.

Имајќи ја предвид крајно неповолната состојба во правосудниот систем во земјава, за која сме сите свесни и за која добиваме остри реакции од меѓународната заедница, сметам дека случувањата во Судскиот совет не смееше во никој случај да се дозволат.

Советот е тело кое треба да ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт и да ги остварува своите функции согласно со Уставот и законите.

Затоа е поразително, што наместо да се грижи за угледот на судиите и довербата на граѓаните кон судството, што е една од основните функции на Советот, од таму се манифестира прекршување на процедурите и постапките во самото работење на Советот, што беше констатирано и од набљудувачите од граѓанскиот сектор.

Ваквото однесување на членовите на Судскиот совет е срамно не само за нив туку и за државата. Телото кое е задолжено да ја оценува работата на судиите и судовите во земјава, мора да биде пример за професионалност и законито работење.

Јавно прашувам, со кој кредибилитет ќе продолжи ваквиот Судски совет да носи одлуки?

Кој би бил нивниот кредибилитет како судии? Уште повеќе, очекувам надлежните институции да покренат постапки на повеќе нивоа, зошто одмолчувањето и игнорирањето ќе значи сериозно дерогирање на целото општество.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Кривична пријава за двојното убиство во Стајковци

Дејан Дејан

Кривична и истрага против вработена во СВР Скопје, измамувала граѓани за социјални станови

Дејан Дејан

Не се прифатени тужбите на ДУИ за изборите, одлучи Управниот суд

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе