Вести Македонија Најважни

Вјоса Османи не знае за обиди од Бугарија да ги прикаже Гораните како Бугари

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, во интервју за Телма вели дека изборите кои што во недела се одржаа на северот на Косово не биле избрзани, а за бојкотот на Србите смета дека е последица на заплашувања, и како што вели, насилство оркестрирано од Белград. Таа за односите со Македонија рече дека се одлични иако одбивањето на Косово да и ги екстрадира осудените криминалци на земјава вели дека е прашање кое треба да го решат двете министерства за правда.  Османи побара поголема интеграција на Албанците во македонското општество, но не знаеше која е точната бројка на македонското малцинство во Косово. Османи не е запознаена со било какви обиди од Бугарија Гораните во Косово да ги претстави како етничи Бугари.

Интервјуто со претседателката на Косово Вјоса Османи го водеше новинарката Тамара Грнчароска.

 

Претседателке Османи, со оглед на последниот развој на настаните во ваша земја, кога ќе ја формирате Заедницата на српски општини?

– Ова секако е прашање кое зависи од развој на други работи. Како што знаете има Договор кој неодамна беше постигнат во Брисел, Анексот кој беше постигнат во Охрид, што овозможува имплементација на сите претходни договори кои се легални, обврзувачки и валидни. Во тој контекст би сакала да потсетам на одлуката на Уставниот суд на Република Косово во 2015 која ги одреди параметрите според кои Асоцијацијата на општини може да функционира во Република Косово. Првиот критериум е дека ништо не може да биде моноетично, тоа значи дека мора да го претставува мултиетничкиот карактер на Република Косово и секако да не создава ново ниво на управување, но може да биде координација меѓу општините кои лобираат за своите надлежности со националната влада.

Во тој контест Косово многу јасно стави до знаење дека водечки принцип ќе му биде одлуката на Уставниот суд, Уставот на Косово исто како и пишаната позиција на САД која беше објавена пред еден месец. Во рамки на овие параметри ние ќе го дадеме нашиот предлог кој потоа ќе биде дискутиран во Брисел, како што е наведен во Договорот. Не можам да ви дадам датум кога оваа дискусија ќе вроди со плод, но она што со сигурност можам да го кажам е дека Косово ќе биде целосно конструктивно и отворено со предлозите и ќе осигура дека се следат најдобрите европски стандарди кога станува збор за прават малцинствата. Ние веќе имаме Устав кој е многу напред дури и споредено со сите други европски држави, но истовремено сме подготвени да дискутираме како може да ги направиме најдобрите модели применливи истовремено обезбедувајќи дека суверенитетот на Косово, како и неговиот интегритет и внатрешнотот функционирање како држава е зачувано.

Пред неколку дена се одржаа локални избори во четирите српски општини на кои се избрани градочалници Албанци. Зошто брзавте со локалните избори таму со оглед на актуелниот бојкот на Србите и пред да се формира Заедницата на српски општини?  

– Не разбирам како воопшто може да биде спомнат зборот „избрзани“ во ситуацијава во која што се наоѓаме. Всушнсот, изборите требаше да се одржат во декември минатата година. Ги одложивме за април, давајќи шанса за подобри услови во следните четири месеци. Овие услови беа создадени од сите косовски институции, во целосна согласност со применливите закони и Уставот на Република Косово, сите критериуми на Венецијанската комисија, како и најдобриот демократски стандард. Значи понудивме сѐ. И како трето, не знам за ниту една држава во регионот, или Европа, или било каде, каде што создавањето на една заедница треба да биде предуслов за одржување избори, кои Уставот ги бара. Тоа е исто како јас да побарам од Северна Македонија да не одржува избори, и покрај тоа што нејзиниот Устав ги бара без создавање на заедница на албански општини, од 15 општини кои се водени од Албанци. Секако дека нема да побараме нешто такво. Но, да се бара од Косово да не одржи избори, кои нејзиниот Устав ги бара… Не велам дека вие тоа го барате, но самото спомнување…

Знаејќи дека Србите ги бојкотираат и не ги признаваат овие избори, може ли сега ова да ги блокира преговорите со Белград?

– Но, апсолутно тоа не беше реалноста. Ова не беше доброволен бојкот од страна на локалните Срби. Ова беше бојкот кој се случи поради закани, заплашаувања и насилство оркестрирано од Белград, и извршено од нелегалните и криминалните структури водени од луѓе, од Срби, кои ги водат овие структури и кои се на црната листа на САД и Обединетото Кралство. Изборите се одржаа во целосна согласност со нашето законодавство, со нашиот Устав, и како што реков, причината поради која мораше да бидат организирани избори, на прво место, не беше затоа што ние ги побаравме, не беше затоа што ние ги посакувавме, не беше затоа што ги избрзавме, туку затоа што српрските градоначалници беа присилени од Белград да си поднесат оставки. Белград изврши притисок да си поднесат оставки, а нашиот Устав предвидува избори ако еден градоначалник поднесе остав ка. Значи, нивен избор беше да се постави Косово во невообичаен процес на предвремени избори, и секако ние го испочитувавме нашиот Устав и најдобрите европски стандарди.

Дали тоа сега може да ги оптовари односите и разговорите со Белград?

– Надворешното мешање во изборите на Косово извршено од Србија е тоа што може да го оптовари дијалогот, а не демократските и уставни постапки на Косово.

Без добра регионална соработка нема правење чекор поблиску кон ЕУ за ниту една земја од регинот. Отворен Балкан требаше да биде круната на соработката, но Косово се противи на оваа иницијатива. Ќе се премислите?

– Всушност круна на регионалната соработка е Берлинскиот процес кој ги третира сите страни како еднакви. Процес кој ги вклучува принципите на инклузивност на самиот почеток кога иницијативата беше родена и креирана од сите шест заподнобалкански држави како еднакви. Иницијатива чија интенција е да нè донесе поблиску до евроатланската интеграција. Ние јасно ги кажавме нашите причини зошто не сме дел од иницијативата Отворен Балкан и тоа е поврзано со само една земја и тоа е Србија која одбива да го третира Косово како еднаквен партнер во иницијативата.

Без Србија да го признае Косово и да не третира како неповратна реалност, што ние и сме како суверена држава, невозможно е да ја имаме таа иницијатива како успешна. Всушност вистинскиот успех е Берлинскиот процес со четири договори потпишани и ратификувани од вашата земја, Косово, Црна Гора, Албанија и т.н. што покажува дека има многу перспектива, кога станува збор за регионалната соработка. Косово никогаш не било против регионалната соработка, всушност, како што покажуваат односите меѓу мојата земја и Северна Македонија, ние сме одлични соседи. Немаме отворени прашања, придонесуваме за мирот и стабилноста и сме го покажале тоа историски. Извезуваме мир и стабилност, имаме одлични односи со сите други во регионот, освен со Србија, која продолжува со хегемонистичкиот пристап и сака да ги третира своите соседи како привремени држави.

Рековте дека односите меѓу Македонија и Косово се одлични, но Косово одбива да и екстрадира осудени злосторници на Македонија, исправете ме ако грешам, досега одговорила само на едно вакво барање. Зошто?

– Ова се прашања кои се дискутираат меѓу нашите министерства за правда и би им ги оставила деталите ним. Како претседател невозможно е за мене да се занимавам со индивидуланите случаи на меѓународната судка соработка. Она што го правам е да притискам за секој можен договор меѓу нашите две земји, досега има 40 билатерални договори од областа на правдата. Знам дека нашиот министер за правда, Хаџиу, има конкретна и континуирана соработка со министерот за правда на Северна Македонија и сигурна сум дека со ваквата билатерална соработка тие ќе најдат решение за секое прашање.

Побаравте поддршка на Албанците во Македонија во сите сфери, а кои уживаат големи права и имаат свои претставници на највисоките државни функции и се 50 проценти од македонската влада. Што прави Приштина за Македонците во Косово за да ја подобри нивната положба?

– Веќе реков дека Косово го има најнапредниот Устав на европскиот контенент кога станува збор за малцинските права. Кога се пишуваше нашиот Устав беше пишуван според тие стандарди од најдобрите европски и американски експерти. И секако може да видите многу од тоа, многу од овие стандарди во нашиот Устав. Практично сите кои припаѓаат на малицинските заедници во Косово имаат придобивки од овие права. И Република Косово како држава и мнозинското албанско населени кое е 92 проценти никогаш не применило дискриминација кон никого засновано на националноста, етничката религиозна припадност или каква и да е друга припадност. Секако, се трудиме да ги имаме вклучено сите заедници. Како претседател го раководам Консултативниот совет за заедниците и се трудам тоа да биде проектот од кој ќе имаат бенефит.

Дали има Македонец во Советот?

– Ние се трудиме да ги инволивареме сите во различни проекти, бидејќи она што треба да го осигураме е дека не е само реторика, туку да притиснеме напред за конкретни проекти кои ќе имаат придонес во секојдневниот живот на граѓаните, без оглед на нивната националност.

Секако дека сум многу горда на придонесот кој Албанците го имаат дадено тука во Северна Македонија во процесите за формирање на државата, нејзината изградба и сега во евроинтегративните процеси. Знаете дека тие сочинуваат голем дел од населението тука и важно е овој придонес да биде признаен од сите. И да не заборавиме, дека колку добар е третманот на малцинствата важно е да се види колку се тие добро претставени во институциите, но не е само тоа. Инклузијата, интеграцијата, на сите во општеството е многу повеќе од тоа и секако ќе ги поддржуваме во сите барања кои ќе ги имаат. Истовремено Северна Македонија може да смета на Косово како доверлив партнер и како на земја која ги поздравува различностите и мултниетничноста. Секако ќе продолжиме да го правиме тоа почитувајќи ги Уставот и законски права на сите заедници кои живеат во нашата земја.

Што ќе направите за спречување на обидите на Бугарија да ги претстави Горанците, Македонците во Косово, како Бугари?

– Не сум запознаена со некакви обиди на Бугарија…

Но имавте средба со потпретседателката на Бугарија, Јотова…

Јас имав официјална посета на Бугарија каде се сретнав со претседателот. Но нема мешање од Бугарја во ништо што се случува во Косово.

Таа имаше средба со Гораните во Косово по што таа ги декларираше како Бугари…

Секако не знам за различни состаноци кои се случуваат и што било дискутирано на различни средби. Но ќе повторам дека во Косово секој член на малцинска заедница е слободен да се идентификува како што сака.

Последното прашање е за тоа колкаво е македонското малцинство во Косово според последниот попис одржан во 2011, споредено со бројката на Бугари во Косово. Ги имате бројките?

Искрено, да ме информиравте дека ќе ме прашате за ова ќе ги имав, ќе ги проверев бројките.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Не се прифатени тужбите на ДУИ за изборите, одлучи Управниот суд

Дејан Дејан

Туфегџиќ во „Топ тема“: Завршена е истрагата за таткото на Вања

Дејан Дејан

Прифатени нерегуларностите на изборите за гласачки места во Крушево и Долнени, се одлучува по останатите

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе