Вести Македонија Топ вести

Осум дена притвор за ТикТок анестезиологот од Тетово

Осумдневен притвор доби лекарот вработен како анестезиологот во тетовската болница, кој на социјалната мрежа ТикТок во живо снимаше и емитуваше видео во кое се гледа медицински персонал и пациенти на кои им се пружала помош на гинеколошкото одделение за киретажа.

Четириесет и тригодишниот анестезиолог бил спроведен во КПУ Затвор „Скопје“ за издржување на притворот. До определување на мерката доаѓа откако Основното јавно обвинителство Тетово поведе постапка против осомничениот, обвинет за две кривични дела за неовластено снимање и за несовесно работење во службата.

„Основното јавно обвинителство Тетово поведе постапка против едно лице за кривични дела – Несовесно работење во службата од чл.353-в ст.2 во врска со ст.1, како и Неовластено снимање според чл.152 ст.2 од Кривичниот законик. Осомничениот, како службено лице – анестезиолог вработен во ЈЗУ Клиничка болница во Тетово, на 14 април неовластено направил снимка од пациенти и вработени и ја објавил во живо на социјална мрежа, со што постапил очигледно несовесно во вршењето на своите овластувања и должности и потешко ги повредил нивните права“, информираат од ОЈО Тетово.  

Случајот во СВР Тетово го пријавил директорот на болницата, по што лицето беше приведено.

По вчерашната средба на раководството на тетовската болница со министерот за здравство, Фатмир Меџити, било одлучено анестезиологот да добие отказ од работното место и предлог за одземање на лиценцата.

Од Лекарската комора најостро го осудија инцидентот и најавија дека по неговото разгледување ќе преземат активности и мерки. Истакнаа дека Комората продолжува да работи на заштита и унапредување на стручноста и етичките должности и права на докторите на медицина, но со критички однос кон сите оние кои го рушат достоинството, угледот и интегритетот на професијата, како дејност од посебен општествен интерес.

Данијела Билбилоска  

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Пред нас е милионски долг за враќање, ќе се искористи ли новата милијарда која се најави за  раздолжување?

Дејан Дејан

Судот во Лондон утре ќе одлучува за екстрадицијата на Асанж во Америка

Дејан Дејан

Вучиќ најави дека утре ќе отпатува во Њујорк за да се спротивстави на усвојувањето на резолуцијата за Сребреница

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе