Вести Свет

САД внимателно ги следеле активностите на Гутереш, покажуваат протечените доверливи документи

Информациите кои произлегуваат од протечените американски доверливи документи продолжуваат да ја потресуваат светската јавност. Најновите откритија покажуваат дека САД внимателно ги следат активностите на Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, за кој сметаат дека премногу ѝ удоволува на Русија и со тоа ги поткопува широките напори да се бара одговорност од Москва за нејзините постапки во Украина.

Западните медиуми вниманието го фокусираат на неколку од документите во кои се опишуваат приватните разговори помеѓу Гутереш и неговата заменичка Амина Мохамед.

Еден од документите се однесува на Црноморскиот договор за жито, кој беше постигнат во јули со посредство на ОН и Турција, за да се избегне глобална криза со храна. Тие сугерираат дека Гутереш бил толку заинтересиран за зачувување на договорот што бил подготвен да ги прифати интересите на Русија за подобрување на нејзината извозна способност, дури ако тоа вклучувало и веќе санкционирани руски субјекти и поединци.

Канцеларијата на Генералниот секретар на ООН одби да ги коментира протечените документи, додавајќи дека постапките на Гутереш се водени единствено од желбата да го ограничи влијанието на војната во Украина врз најсиромашните луѓе во светот.

Во меѓувреме, нови коментари за протечените документи пристигнаа од Украина, за која и се однесуваа најголем дел од нив. Украинскиот министер за одбрана инсистира дека тие биле објавени со намера да им се наштети на меѓусебните односи на западните сојузници.

Јас сум убеден дека нашите американски пријатели ќе направат сѐ што е потребно за да го откријат изворот на ова протекување, и да спречат вакви слични операции во иднина, изјави Олексиј Резников – Министер за одбрана на Украина

Но, Вашингтон се соочува со тешка задача да го открие објавувачот на овие документи, откритијата од кои се многу срамни за САД. Пристап до вакви документи, преку сертификатите за безбедност имаа околу 3 милиони американци, што претставува огромен број на потенцијални осомничени.

И додека истражителите трагаат, репортерите на Вашингтон пост успеале да го идентификуваат изворот на протечените документи. Разговарајќи со двајца членови од Дискорд групата од каде протекоа документите, тие го идентификуваа изворот како харизматично момче кое работи на американска воена база, љубител на оружје и кое на платформата Дискорд со месеци на една мала група членови им објавувал доверливи документи, пред некој од тие членови да почне да ги реобјавува на други групи и социјални медиуми.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Нови битки за Преспа: СИРИЗА со осуда за изјавите на Мицкоски, но и со нотирање одговорност за Мицотакис

Дејан Дејан

Дали ќе се раскинува договорот со “Бехтел&Енка” за над милијарда евра вредните коридори?

Дејан Дејан

Милијардата ќе биде европска, но не унгарска, објаснува Мицкоски

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе