Вести Свет

Србија испратила или ќе испрати оружје за Киев, покажуваат ротечените американски документи, Белград негира

Србија, која е единствената земја во Европа што одби да воведе санкции кон Русија заради инвазијата на Украина, се согласила да испрати оружје во Киев или веќе го испратила, покажуваат тајните документи на Пентагон, пишува денеска Ројтерс. Министерот за одбрана Милош Вучевиќ за руски Спутник и Танјуг веднаш негираше дека Србија ѝ продава оружје на Украина и оцени дека овие наводи имаат за цел да ја дестабилизираат земјата и да ја вовлечат во конфликт во кој Србија не сака да учествува.

Ние ги негиравме тие невистини повеќе од десет пати, и еве, ќе повториме пак. Србија нема продадено, ниту ќе продаде оружје на украинската страна, ниту на руската страна, ниту на земјите од соседството на тој конфликт. Нечија цел е очигледно да ја вовлече Србија во тој конфликт, но ние доследно се држиме до нашата утврдена политика, изјави Вучевиќ.

Вучевиќ додаде дека Србија продава оружје на други земји, кои се далеку од руско-украинскиот конфликт.

Секогаш постои можност некое оружје некако магично да се најде и на територијата на конфликтот, но тоа нема апсолутно никаква врска со Србија. Тоа е прашање за оние земји кои не ги почитуваат меѓународните норми, договорните клаузули и деловните практики. Повторувам, Србија не испратила оружје во Украина и се што е објавено на таа тема се невистинити шпекулации, рече Вучевиќ.

Документот, збир на одговори од европските влади на барањата на Украина за воена обука и оружје, е меѓу десетиците доверливи документи кои беа објавувани на форуми и социјални мрежи последните неколку недели, во она што може да биде најсериозно оддавање на американски тајни во последните неколку години.

Насловен „Европа/одговор на тековниот руско-украински конфликт“, документот ги наведува позициите на 38 европски влади како одговор на барањата на Украина за воена помош.

Списокот покажува дека Србија одбила да обезбеди обука за украинските сили, но ветила дека ќе испрати оружје или веќе го испратила. Се наведува и дека Србија има политичка волја и воена способност во иднина да и обезбди оружје на Украина.

Документот е класифициран како доверлив и НОФОРН (не е за странски државјани), што забранува негово дистрибуирање до странски разузнавачки служби и војски. Датира од 2 март и го носи печатот на канцеларијата на американскиот Здружен штаб на началници.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Нови битки за Преспа: СИРИЗА со осуда за изјавите на Мицкоски, но и со нотирање одговорност за Мицотакис

Дејан Дејан

Дали ќе се раскинува договорот со “Бехтел&Енка” за над милијарда евра вредните коридори?

Дејан Дејан

Милијардата ќе биде европска, но не унгарска, објаснува Мицкоски

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе