Вести Свет

Американците трагаат по изворот на протечените доверливи документи, но безбедносни сертификати поседуваат дури 3 милиони лица во САД

Последното големо протекување на доверливи документи кои, според досегашните информации, со месеци циркулирале на неколку социјални платформи, го потресе Вашингтон. Чуствителните материјали, како што ги нарекуваат, во најголем дел се всушност фотографии од редовни и секојдневни извештаи кои се подготвуваат за американскиот генералштаб, и засега е најасно кој, и зошто ги објавил. Според она што истражувачите од сајтот Белингкат и неколку западни медиуми успеале да го дознаат, првите документи биле објавени по кратка расправа помеѓу неколку корисници на платформата Дискорд.

Личноста која ги објавила документите, всушност го направила тоа за да победи во дебата и да ги импресионира луѓето во оваа чат група. Се чини дека нема никаква идеолошка причина или анимозитет кон американското разузнавање или надворешна политика. Секако тоа е различно од некој како Едвард Сноуден, кој беше ангажиран во НСА и кој чувствувал дека Американците и воопшто светот, треба да дознае за моќта на НСА, рече Номан Марчант од американската новинска агенција Асошиејтед прес.

Пентагон, заедно со неколку од разузнавачките агенции започнале интерна истрага, а истрага за кривична одговорност отвори и американското Министерство за правда.

Го сфаќаме ова многу сериозно и ќе продолжиме тесно да соработуваме со нашите инзвонредни сојузници и партнери. И ништо и никогаш нема да нѐ спречи да ја зачуваме безбедноста на Америка, порача синоќа американскиот министер за одбрана Лојд Остин.

Американските власти отворија истрага, но истражителите се исправени пред речиси невозможен предизвик. Не само што засега немаат јасен мотив за објавувањето на доверливиот материјал, и што тој слободно со месеци се споделувал на социјалните медиуми пред конечно да го привлече вниманието на медиумите, а со тоа и на властите, туку и фактот дека околу 3 милиони лица во САД поседуваат безбедносен сертификат.

Овие документи можно е да поминале низ рацете на десетици илјади ако не и на стотици илјади луѓе. Значи, истражителите најверојатно ќе работат многу долго време за да го откријат мотивот. Уште една работа е што кај многу од овие високопрофилни протекувања, понекогаш целосно не се откриваат мотивите на некој, дури и откако таа личност ќе биде обвинета и осудена, вели Марчант.

Голем дел од документите потекнуваат од Пентагон и се однесуваат на војанта во Украина, од списоци на колку залихи на оружје имаат Украинците, до календари кога, колку и каде ќе пристигнува помошта од западните земји во Украина. Но, дел од нив се од разузнавачки карактер и се однесуваат на американското шпионирање на своите сојузници, поради што Остин, но и претставници од Стејт департментот и други американски агенции веќе контактирале со засегнатите сојузници во обид да ја намалат штетата врз меѓудржавните односи.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Нови битки за Преспа: СИРИЗА со осуда за изјавите на Мицкоски, но и со нотирање одговорност за Мицотакис

Дејан Дејан

Дали ќе се раскинува договорот со “Бехтел&Енка” за над милијарда евра вредните коридори?

Дејан Дејан

Милијардата ќе биде европска, но не унгарска, објаснува Мицкоски

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе