Вести Македонија Најважни

Судиите пресудија, функционерите ќе пресметуваат за колку ќе си ја зголемат платата

Гладни стомаци, празни џебови и социјална неправда – јавноста критикува по одлуката на Уставен, со која ќе се овозможи зголемување на платата на функционерите во време на криза. Според одлуката на судиите, се укинуваат два члена од Законот за плата и надоместоци на функционерите. Сега останува дилемата – за колку ќе се зголеми платата на овие вработени. Од Владата најавуваат дека неколку дена ќе анализираат и ќе бараат соодветно решение – но, нема да си ја зголемат платата за вртоглави 78 отсто.

„Иако основицата за пресметување плата согласно одлуката на Уставниот суд се зголемува, Владата конкретно ги разгледува можностите за намалување на коефициентите за пресметка на плата кај именуваните лица за кои има законска можност, а со цел да не се оптовари буџетот“, велат од Влада на РС Македонија. 

Покрај овој усогласен и официјален став на Владата, денес и дел од функционерите со ублажувачки тонови во своите изјави порачаа дека не сакаат такво драстично зголемување на платите.

„Од практичен аспект, секој политичар што ќе каже дека не му е важна платата не остава добра порака, бидејќи веројатно тогаш има други извори на приходи. Јас немам други извори за живеење, освен оваа плата. Секој би сакал да има поголема можност. Но, од етички аспект, политичарите треба да бидат последни на листата на граѓани кои треба да имаат зголемување на платите“, изјави министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

„Од аспект на донирањето, јас имам еден принцип, а тоа е дека за донирање не зборувам јавно заради тоа што сметам дека секој од нас тоа треба да го прави од лични побуди“, рече Славјанка Петровска, министерка за одбрана. 

Платите и надоместоците се дел од фиксните трошоци од Буџетот. Сите анализи покажуваат дека кај нас платите се драстично пониски дури и во споредба со БиХ, Косово и другите држави со коишто можеме да се споредуваме. Нема дилема дали треба да се зголемуваат платите туку дали сега е вистинско време за такво нешто. Професорот Треновски анализира дека треба да се видат и ефектите и резулттите од работата пред драстично да ги зголемиме нивните плати.

„Тие се ниски, меѓутоа додека не утврдиме кој што сработил за тие средства, ние треба да бидеме особено внимателни при зголемување на овие надоместоци. Особено во време кога имаме пензии коишто се прилично ниски, кога има плати како минималната кои не стигнуваат ниту за половина од потрошувачката кошничка. Во такви моменти, револтот дополнително расте, социјалниот немир ќе расте и мислам дека функционерите во овие периоди треба да бидат солидарни и да се воздржат од дополнително бранување на морето. Ние сме многу специфична територија, зголемувањето на компензациите на вработените и во приватниот и во јавниот сектор резултира со намалување на нивната продуктивност, а не со зголемување. Значи ние треба да бидеме особено внимателни за да не ја нарушиме економската логика во која живееме“, вели универзитетскиот професор, Борче Треновски. 

Од Уставен суд велат дека во овој предмет не било поставено прашањето за висината на платите, ниту за одредување на пресметки и проценти, туку се барало оцена на уставноста на конкретни одредби: член 4 од измените и дополнувањата на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица, донесени во 2010 година и член 1 од од измените на истиот закон донесени во 2014 година. Сега тие се укинати, а останува во сила член 11 од истиот закон според кој, како основица се зема просечната плата исплатена во минатата година според Државниот завод за статистика, помножена со коефициентот за исплата на плати. За најавеното зголемување на платите по одлуката на Уставен, реагираше и претседателот Пендаровски кој рече дека невкусно е во време на економска криза да се покачуваат платите кои се исплаќаат од државниот Буџет.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ВИДЕО: Невреме во Струга

Дејан Дејан

Обид за физички напад врз претседателката на Уставниот Суд

Дејан Дејан

Крени глас: Со позитивна енергија против врсничкото насилство

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе