Вести Свет

Зошто Украина не го напушта својот крајно дипломатски пристап кон најголемиот сојузник на Путин

Украинскиот претседател Володимир Зеленски не се воздржува од критики кон Германија и Унгарија поради нивните блиски врски со Русија, но тоа не е случај со Кина. Со првиот сојузник на Путин, Зеленски игра на долгорочна карта, посочува Политико во својата анализа на односите меѓу Пекинг и Киев, за време на посетата на кинескиот претседател Си Џинпинг на Москва.

Има добри причини зошто Киев се обидува да не ги налути Кинезите, и покрај нивното партнерство без ограничувања со Москва. Од една страна Зеленски ја посакува Кина како инвеститор, трговски партнер и потенцијален посредник во евентуални мировни преговори со Русија. Исто така, кинеските „длабоки џебови“ би биле од голема корист во обновувањето на Украина во следните години. Од друга страна, Зеленски стравува дека нејзиното отфрлање, во најмала рака, би резултирало со зголемување на извозот на оружје за Русија од страна на Пекинг.

И додека Џинпинг ја одржува својата посета на Москва, Киев гаи надежи дека конечно ќе се одржи првиот телефонски разговор меѓу Зеленски и кинескиот претседател. Советникот за национална безбедност на американскиот претседател Џо Бајден, Џејк Саливен, тврди дека Вашингтон би го поздравил таквиот разговор.

Сметаме дека Народната република Кина и самиот претседател Си Џинпинг треба директно да ја слушнат и украинската страна, не само руската, рече Саливен.

Тоа што Си и Зеленски сѐ уште не разговарале не значи дека Кина и Украина се странци една за друга. Пред војната Кина беше најголемиот трговски партнер на Украина, во исто време претставувајќи и значаен пазар за извоз на пченка и јачмен преку Црното море. Пекинг исто така значително инвестираше и во украинската инфраструктура и телекомуникации.

Трудејќи се да избегне евентуални бранувања со толку важен партнер, Киев дури се воздржа и од минатогодишното гласање во ООН со кое се осудуваше кинескиот прогон на муслиманското ујгурско малцинство.

Затоа, и покрај тоа што ЕУ и НАТО изразија скептицизам за кинескиот мировен план од 12 точки, Зеленски побрза да посочи дека ја остава вратата отворена за евентуален дијалог со посредство на Кина.

Фактот што Кина започна да зборува за Украина не е лош. Но, прашањето е што следува по зборовите. Мислам дека некои од кинеските предлози се во согласност со меѓународното право, и мислам дека можеме да соработуваме со Кина. Зошто да не? Нашата цел е да ги собереме сите и да ја изолираме Русија, рече Зеленски на пресконференција во Киев, коментирајќи ја посетата на Си на Москва.

Сепак, неговиот став за Кина како потенцијален медијатор длабоко ги подели мислењата во западните земји. Голем дел од критичарите на таквиот став сметаат дека единствената цел на Кина е одржување на стратешки сојуз со Русија, со единствена цел да биде противтежа на демократскиот запад. Според нив, комерцијалните интереси и нејзината репутација како медијатор се на далечното второ место.

Олександар Марежко, претседателот на комисијата за надворешни работи на украинскиот парламент, смета дека е малку веројатно Пекинг да го искористи своето влијание врз Москва, затоа што во реалноста навистина не сака да го запре Путин. Сомнеж дека Кина може да биде праведен медијатор изрази и портпаролот на ЕК, Петер Стано.

Кина одбива да признае кој е агресорот а која е жртвата. Пекинг ја става Русија на истото ниво со Украина, која е под брутален, илегален напад, во спротивност на Повелбата на ООН. Истата таа Повелба која Кина тврди дека ја заштитува. На секој му е дозволено да посредува за мир, но пред се, треба да биде прифатен и од двете засегнати страни, рече Стано.

Спротивно на Марежко и Стано, претседателката на украинската Асоцијација на синолози, Вита Голод смета дека Кина може да одигра важна улога.

На Кина ѝ е потребна Европа, и сега може да го докаже тоа преку позитивно влијание. Може да создаде имиџ на медијатор во оваа војна, исто како што посредуваше во иранско-саудискиот конфликт, и да стане вистински миротворец. Кина го разбира тоа, и ако успее во тоа што не успеаа САД, ќе го зацврсти своето влијание во Европа. А на Кина сега навистина ѝ е потребна Европа, тврди Голод.

Но, односите меѓу Кина и Украина изминативе години не се на највисоко ниво. Случајот кој им го нанесе најтешкиот удар се однесуваше на презимањето на „МоторСич“, најголемиот украински производител на авионски мотори, од страна на кинеската компанија „Скајрајзон“ во 2017 година. Двете компании постигнаа договор и поднесоа барање за негово одобрување од страна на Антимонополскaтa комисија на Украина, која го одби барањето а државната безбедност ја запре купопродажбата. Кога три години подоцна, во 2020 година „Скајрајзон“ поднесе ново барање до комисијата, украинската влада нареди национализација на „МоторСич“, за кратко потоа да се предомисли, оставајќи ја компанијата во неизвесност.

Како одговор на тоа „Скајрајзон“ поднесе тужба пред меѓународниот трибунал барајќи 3,5 милијарди долари, тврдејќи дека Украина го прекршила Договорот за заштита на инвестиции од 1992 година. Во 2021 година „Скајрајзон“ поднесе уште една тужба, овој пат во Хаг, барајќи од Украина да ѝ исплати 4,5 милијарди долари оштета.

Тоа беше работа меѓу две приватни институции, и постоеше можност да биде разрешена на подобар начин. Но, нашата влада ја вмеша Службата за безбедност, и сега стана државна работа, а тоа уште повеќе ја влоши ситуацијата. Овие прашања не се решени. Ѝ должиме на Кина многу пари, рече Голод.

Од почетокот на војната Пекинг инсистира на неутралност и се воздржува од гласање за резолуции поврзани со Украина во Советот за безбедност на ООН. Меѓутоа, политичката површина ја разбрануваа неодамнешните обвинувања од страна на американскиот Државен секретар Ентони Блинкен, дека Пекинг размислува за испорачување на оруже за Русија. И повторно, додека Вашингтон цврсто настапува и го тестира теренот за евентуално воведување санкции против Кина, украинските реплики се крајно дипломатски.

Извршниот директор на невладината организација Совет за надворешна политика Украинска призма, Серхеј Херасимчук, смета дека некои од 12-те точки од кинескиот план го разгоруваат интересот во Украина.

Секако дека тоа не е мировен план. Некои од столбовите се проруски, но, некои се многу важни. Можеме да ги искористиме за решавање на нашите безбедносни прашања. Можеме да разговараме за гаранции дека Русија нема да употреби нуклеарно оружје во Украина. Или, можеме да разговараме за демилитаризација на нуклеарната централа Запорожје, рече Херасимчук.

Украина исто така може да ја искористи кинеската медијација и за решавање на проблемите со извозот на украинските житни култури преку црноморските коридори. Во моментов Кина е главниот приемник на украинското жито кое се извезува преку надгледуваните од ООН три коридори.

Херасимчук гледа можност Кина да изврши притисок врз Русија да се отвори и четврт коридор од пристаништето во Миколаев. Но, Херасимчук исто така го предупреди Киев против претераното додворување на Пекинг, и порача дека мора да се посвети екстра внимание за прашањето за вистински стратешки цели на Кина.

Не сум сигурен дека украинските лидери ги разбираат кинеските интереси. Наивно е да се очекува Кина да посредува во руската војна, без тоа да биде во контекст на кинеските интереси, предурпедува Херасимчук.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ВИДЕО: Невреме во Струга

Дејан Дејан

Обид за физички напад врз претседателката на Уставниот Суд

Дејан Дејан

Крени глас: Со позитивна енергија против врсничкото насилство

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе