Вести Македонија Топ вести

Наместо извинување за погромот на македонските Евреи, Бугарија со низа навреди кон претседателот Пендаровски

Наместо извинувањето кое го побара од бугарската држава за нејзината улога во погромот на Евреите од Македонија во Втората Светска војна, македонскиот претседател, Стево Пендаровски доби низа од навреди, закани и барања тој да и се извини на Бугарија. Од „неприфатливо и неточно“, преку „демонстрирање на антибугарска дрскост“ до закана дека „ќе одговара за својот неонацизам“ се реакциите на дел од бугарските политичари и историчари, кои шефот на македонската држава денеска не сакаше да ги коментира.

„Сметаме дека од наша страна нема потреба за дополнителна изјава затоа што претседателот Пендаровски ги искажа јасно своите ставови во обраќањето вчера. Впрочем и гостите кои беа на комеморативниот настан за одбележување 80 години од холокаустот на македонските Евреи, меѓу кои и од Светскиот Еврејски Конгрес, Европскиот Еврејски Конгрес, Еврејската заедница во Република Северна Македонија и „Симон Визентал“ центарот од Виена ги потврдија наводите изнесени во обраќањето на претседателот“, се наведува во пишаниот одговор до Телма од Кабинетот на претседателот.

Но освен негирање, од Бугарија за Пендаровски стигна и поддршка, како таа на поранешниот советник на Жељу Желев, професорот Михаил Иванов, кој на фејсбук напиша дека се приклучува на барањето на Пендаровски.

Иванов еден ден пред поддршката за Пендаровски, даде поддршка и за отвореното писмо на Ема Барух, бугарска новинарска и сценаристка, до бугарскиот претседател, Румен Радев, за одбележувањето на спасувањето на бугарските Евреи во Втората Светска војна, додека се премолчуваат 11.343 Евреи кои бугарската полиција и војска ги натоварила во запечатени вагони и депортирани во Треблинка.

„Она што избираме да го споменеме и што избираме да го изоставиме кога ја раскажуваме сопствената приказна е знак на мудрост, машкост и достоинство.  Молкот на дел од историјата на Бугарија, за време на Втората светска војна, која доведе до смрт на 11.343 луѓе, фрла сенка дури и на големината на неколкуте достојни Бугари, чии постапки доведоа до спасување на 50 илјади човечки животи“, пишува во писмото на Барух.

Меѓу оние пак кои цврсто стојат на ставот дека Бугарија не е виновна за депортацијата на Евреите од Македонија е првиот човек на бугарскиот тим во мешовитата македонско-бугарска историска комисија, Ангел Димитров, кој изјавата на Пендаровски ја нарече „несериозна“ и „силно идеолошка“.

„Да се зборува така за Бугарија е крајно неприфатливо, дури и неточно од страна на политичар со огромна одговорност чија цел треба да биде воспоставување на добри дипломатски односи меѓу нашите две земји“, вели Димитров.

Според Димитров нацистичка Германија била виновна за депортацијата на Евреите, бидејќи Бугариија не ги поседувала, туку само управувала со територии од каде тие биле депортирани.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Се урна хеликоптерот на иранскиот претседател Ибрахим Раиси

Дејан Дејан

Мицкоски: По прегласувањето во ИЕ 5 очекуваме обезбедување двотретинско мнозинство

Дејан Дејан

Исчезна хеликоптерот со кој летал иранскиот претседател Ибрахим Раиси

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе