Вести Македонија

Тетовските пожарникари се вратија дома, велат, населението во Турција е во лоша состојба

По една недела активно учество во спасување преживеани и извлекување жртви од урнатините по разорните земјотреси во Турција, пожарникарите од Тетово се вратија дома. Ноќеска се очекува да пристигне во земјава и втората група која беше испратена преку Дирекцијата за заштита и спасување. Спасувачките акции биле тешки, сликите страотни, сведочат членовите на тимот.

Таму ситуацијата беше хаотична, населението беше во лоша состојба, ние излеговме во пресрет на сите тие што побараа да им помогнеме. Ова беше наша втора мисија во вакви услови, меѓутоа во Турција беше поинаку, целиот град беше урнат и ни беше многу тешко да се справиме со таа ситуција, вели Авни Амети, командир на ТППЕ Тетово.

Градоначалникот, Биљал Касами, им се заблагодари за хуманоста на 9-темина пожарникари од Тетово, кои заедно со уште толку струмички пожарникари се единствени во државата кои поседуваат лиценца за пребарување и спасување од урнатини. По ваквите катастрофи, стануваме свесни дека потребни ни се повеќе обучени лица и во другите општини, вели Касами.

На ниво на државата треба повеќе екипи да бидат подготвени за да можат да интервенираат во не дај Боже вакви ситуации, рече Касами.

По глетката од уништените објекти во Турција се поставува прашањето колку објектите во нашата земја можат да издржат посилни потреси, особено дивоградбите. Дури за 3 000 бесправно изградени објекти Општина Тетово одлучува дали да бидат легализирани, а доколку не ги исполнуваат стандардите ќе се рушат, тврди Касами.

Од 2010 наваму имало решенија за рушење кои не се спроведени. Во меѓувреме имало некој од таквите дивоградби кои се легализирани согласно Законот за легализација. Од кога ќе имаме јасна слика ќе одиме пред Советот за да донесеме одлука што ќе правиме со таквите дивоградби, затоа што е дополнителна одговорност морална и материјална, моја како градоначалник да не дај Боже се случи таква ситуација, вели Касами.

Во Турција веќе се бараат причините за целосното уништување на неколку десетици илјади објекти, под чии урнатини загинаа над 40 000 граѓани.

Данијела Билбилоска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Француската полиција застрела маж кој се обидувал да запали синагога во Руен

Дејан Дејан

Пронашле граната од Прва Светска војна и ја однеле во полициска станица

Дејан Дејан

„Пикасо можеби јас“ изложба на македонскиот керамичар Филип Фидановски во Загреб

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе