Вести Најважни Свет

Хуманитарната помош за Сирија заглавена од секташките поделби во регионите уништени од граѓанската војна

Хуманитарниот конвој испратен од Курдските автономни власти за помош на луѓето во регионите уништени од земјотресот под контрола на бунтовниците беше блокиран денеска од Сириската опозиција. Откако го поминале последниот безбедносен пункт под контрола на Курдите, на камионите вчера не им било дозволено да го поминат пунктот Ум ал-Жулуд, а блокирани се и денеска. Станува за збор за 30 цистерни полни со дизел и керозин, без кои не можат да работат машините кои се користат во спасувачките операции, како и хуманитарна помош од ќебиња, топла облека и храна.

Курдските власти со неверување реагираат на блокадата.

Ние сме шокирани, не можеме да веруваме во ова. Дали доставувањето помош е политички проблем? Или криза која не можеме да ја решиме? Дали чекаме од небото да ни падне помош? Ние сме Сиријци и кажавме дека нашите територии и целиот регион во североисточна Сирија од нас е отворен за влез на помош од која и да е страна, изјави портпаролот на курдската администрација во Сирија, Јуван Мула Ибрахим.

Сириската организација за граѓанска одбрана, т.н Бели шлемови, кои функционираат во северозападна Сирија, соопштија дека ситуацијата во овој дел од државата е апсолутно катастрофална. Според проценките, медицинската помош и лековите во овој дел од земјата ги покриваат потребите на едвај 20% од луѓето кои живеат таму. Истовремено и Светската програма за храна, денеска потврди дека има се помалку резерви храна во северозападна Сирија а речиси 90% од населението директно зависи од хуманитарната помош.

По 12 годишната крвава граѓанска војна, територијата на Сирија е под контрола на различни групи и повеќе региони подолг временски период се тешко достапни за меѓународните хуманитарни организации.

Во првите денови по земјотресот, дел од помошта пристигна во регионите под контрола на владините сили, пред се од пријателските земји како Русија, Иран и Обединетите арапски емирати. Но, северозападните региони кои се под контрола на бунтовниците остануваат речиси целосно изолирани. Причината е во фактот дека меѓународната хуманитарна помош за овие региони може да дојде преку само еден граничен премин од Турција или преку зоните контролирани од режимот на Башар Ал-Асад.

Соработката со сирискиот претседател е речиси невозможна, земајќи предвид дека западните земји речиси целосно ги прекинаа врските со неговиот режим.

Истовремено и  Сириската влада се уште не попушта под притисокот да дозволи слободен пристап за меѓународните тимови до регионите под контрола на бунтовниците.

Што се однесува до граничниот премин со Турција, по земјотресот тој беше затворен цели 72 часа.

Иако сега е отворен, протокот на помошта е крајно ограничен, патиштата кои водат до него се тешко оштетени а затворени се и голем број аеродроми во јужна Турција, со што доставувањето на големи пратки помош речиси е невозможно.

Уништувањето предизвикано од војната во Сирија е најголемо во овој дел од државата, што води и до заклучокот дека катастрофалниот земјотрес предизвика нова голема криза врз другите хронични кризи во државата.

А луѓето? Без разлика дали се Сиријци, Курди, го подржуваат Асад или некоја од различните опозициони групи, останува впечатокот дека се оставени сами на себе.

Никога Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ВИДЕО: Невреме во Струга

Дејан Дејан

Обид за физички напад врз претседателката на Уставниот Суд

Дејан Дејан

Крени глас: Со позитивна енергија против врсничкото насилство

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе