Емисии Интервју Топ тема

Борба против корупција во политички редови, уставни измени, медиумски слободи -Топ Тема интервју со евроамбасадорот Дејвид Гир (01.02.2023.)

Во очекување на завршување на истрагата за Пендиков евроамбасадорот Дејвид Гир смета дека Македонија и Бугарија треба да работат на меѓусебно разбирање и взаемна почит. Смета дека тоа би бил духот кој треба да се запази и за време на одбележувањето на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.

Во интервјуто за Топ Tема тој говори за малцинските права, дали се можни уставни измени во вакви околности меѓу Македонија и Бугарија, наводите за руски влијанија во двете земји, борбата против корупцијата и криминалот и слободата на медиумите.

Телма: Ваша екселенцијо, Ви благодарам што дојдовте во ТВ Телма и на можноста за интервју со Вас. Многу сме Ви благодарни што сте тука во нашето студио.
Дејвид Гир, Амбасадор на ЕУ: Благодарам Жане. Среќен што сум тука.

Телма:Во пресрет на годишнината на раѓањето на Гоце Делчев, деновиве се зборува дали ќе има тензии, инциденти, несакани случувања. Какви се Вашите очекувања во однос на овој настан?
Дејвид Гир, Амбасадор на ЕУ: Јас се надевам и секако очекувам дека ова ќе биде можност за двете земји да ја одбележат годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, можност за дијалог и зголемено меѓусебно разбирање и почит. Ова беа тешки неколку недели, но дури и во тој период, значајно е дека имаше постојани контакти меѓу Северна Македонија и Бугарија, затоа што добрососедските односи се во интерес на сите. Видовме контакти на ниво на премиери, министри за надворешни работи, внатрешни работи, да ги споменам како пример. Тоа е духот кој треба да се запази во ова одбележување.

Телма: За Европската Унија се многу битни човековите права, меѓутоа во однос на Македонија нема извештај ниту од Европскиот суд за човекови права ниту од Европската комисија за дискриминација на малцинствата, особено на бугарското. Од друга страна од последниот годишен извештај на ЕСЧП повторно има забелешки за неспроведување на пресудите за слободно здружување во Бугарија. Зошто ЕК не реагира поостро кога станува збор за неспроведување на пресудите за човекови права особено дека е членка на Европската Унија?
Дејвид Гир, Амбасадор на ЕУ: Ајде малку да ги одвоиме работите. Како прво, човечките права се дел од фундаменталните вредности на кои е заснована Европската Унија. Како резултат, во процесот на пристапување ние посветуваме големо внимание на почитувањето на човековите права. Тие се дел од тоа што го нарекуваме „темелни вредности“. Тоа значи дека во секоја етапа од пристапниот процес, човековите права се во центарот на вниманието. Тоа е всушност добра работа, зато што тоа значи дека земјата кандидат која ќе стане дел од Европската Унија, тоа ќе го направи со добри резултати на почитување на човековите права и ќе може да придонесе кон тоа што во суштина е заедница на демократии. Во поглед на набљудување на правата, ние тоа блиску го следиме во процесот на пристапување. Но, во рамките на Европската Унија, земјите од ЕУ, тоа го следат на повеќе начини. Како прво, секако постојат домашни механизми во секоја земја членка да се следи почитувањето на човековите права. На нивото на ЕУ, за овие прашања може да се дискутира на пример на политички форум како Европскиот парламент и постојат некои механизми кои обезбедуваат усогласеност со нашата Европска повелба за суштински човекови права. Но, главната организација која е одговорна за следење на почитувањето на човековите права е Советот на Европа. Како што знаете, тој е сосема различен од Европската Унија. Тоа е организација на 46 земји членки, вклучувајќи ги и 27-те земји членки на ЕУ, вклучувајќи ја и оваа земја. Причината за тоа е дека таму се механизмите и експертизата да се прави тоа. Тие го имаат Европскиот суд за човекови права, ја имаат Венецијанската комисија, Парламентарното Собрание, комисијата за спречување на измачувањето. Таму е главниот фокус за следење на придржувањето на земјите членки на ЕУ кон стандардите за човекови права.

Дејвид Гир, Амбасадор на ЕУ: Очекуваме од сите земји кои сакаат да ни се придружат како и сите земји членки на ЕУ да ги применат стандардите за човекови права. Тоа се очекувањата. Но, како што реков, набљудувањето и следењето одблиску првенствено е надлежност на Советот на Европа.

Телма: Со оглед на состојбата дали мислите дека се можни уставни промени во вакви услови?
Дејвид Гир, Амбасадор на ЕУ: Промената на Уставот како прво е суверено одлука која треба да ја донесе оваа земја. Секако во право сте, слушаме многу различни гласови и тоа е на увид на јавноста. Мислам дека е важно да се повлечеме еден миг и да се запрашаме што е всушност оваа уставна измена или што значи во пракса. Во реалноста, тоа значи да се вклучи во Уставот, референца на поединците, граѓани на државата, кои се идентификуваат како Бугари. Тоа е суштината. Нема промена на суштинската природа на Уставот. Не се допира во идентитетот на земјата или нејзините суштински интереси. Оваа земја веќе има добри резултати на меѓуетнички односи. Овие промени се промени кои може да се спроведат, кои треба да се анализираат на објективен начин, треба да се повлечеме малку и да ги видиме. Да направиме споредба на пример со некои други земји. На пример, Хрватска, која во својот Устав вклучува повеќе од 20 заедници, вклучувајќи ги и Бугарите, Албанците и Македонците. Тоа не ја промени суштинската природа на Уставот или пак имаше последици на интересите на државата. Мислам дека е најважно да се спроведе дебата, која ќе земе предвид за што точно се работи. И да се обидеме да се тргнеме на страна од некаква повисока реторика која не ни помага да видиме за што станува збор.

Дејвид Гир, Амбасадор на ЕУ: Разговаравме со сите. Разговараме со сите и подготвени сме да разговараме со сите. За да објасниме како ние гледаме на тоа, но на крајот на денот тоа е одлука која оваа земја треба да ја донесе.

Телма: И двете страни и во Бугарија и во Македонија, еве одредени политичари и во Бугарија и во Македонија велат дека има руско влијание во односите меѓу двете земји. Не се работи само за хибридни закани туку и нешто повеќе. Дали имате сознанија можеби или мислење за овие изјави на македонските и бугарските политичари?
Дејвид Гир, Амбасадор на ЕУ: Видете јас немам пристап до конкретни разузнавачки податоци или информации од прва рака за ова прашање. Тоа што можам да го кажам е дека како прво треба само да ја земеме предвид руската страотна војна против Украина, за да видиме колку многу дезинформации и лажни вести се шират во регионот како и тука. Некои канали едноставно ги објавуваат без да изразат сомневање. Знаеме и поопшто дека Русија има дестабилизирачка улога општо во регионот. Треба да бидеме многу будни и свесни за можното руско мешање. За жал. Гледано поопшто, ако се вратиме на прашањето за добрососедски односи, мислам дека е во интерес на сите, па и во интерес на граѓаните, дека Северна Македонија и Бугарија ќе продолжат да градат добрососедски односи, дека ќе работат заедно на ова. Да, ние ги следевме неодамнешните настани. Ние го осудивме инцидентот во Охрид, како и тукашните власти и тие го осудија. Сега е во тек истрагата на правосудните органи и очекуваме истрагата да заврши за одредено време. Но во меѓувреме, тоа што е потребно а се однесува и на вашето прво прашање e да биде направено се за да заеднички се работи на меѓусебното разбирање и взаемната почит, во интерес на сите страни и во интерес на двете држави.

Телма: Борбата против корупцијата е еден од основните услови за усогласувањето на земјата со европското законодавство и влез во Унијата. Меѓутоа нема впечаток особено меѓу граѓаните дека иако има закони има егфикасна борба особено од страна на релевантните фактори, владата, како и судскиот систем и обвинителството?
Дејвид Гир, Амбасадор на ЕУ: Потполно се согласувам со вас. Проблемот со корупцијата е огромен предизвик, и мора да биде решен. Влијае врз правата на граѓаните, пристапот до образование, здравјето, вработувањето, унапредувањето. Значи, влијае врз секој аспект од животот. И токму поради тоа, во пристапниот процес борбата против корупцијата е во центарот, ја нарекуваме една од основите, што значи дека ќе ја набљудуваме на секој чекор. Сега, во глобала, имаше некои позитивни чекори во оваа област, одредени закони беа усвоени, некои институции веќе ефикасно работат, како Државната комисија за спречување корупција, како некои од ревизорските
органи кои вршат важна работа. Но, како што знаете, законската регулатива не е доволна, таа треба да биде имплементирана, а ако не е имплментирана, мора да биде спроведувана. Што се однесува до судството, да, има некои индивидуи, има некои делови од судството и обвинителството, кои ја вршат работата која треба да ја вршат, но мислењето на јавноста за судството е навистина многу ниско. Затоа судството и обвинителството треба на јавноста да ѝ демонстрираат, треба преку постапки да ѝ покажат, дека може да има доверба оти овие институции ќе ја спроведат правдата. Ние, секако, го поддржуваме процесот, но, повторно ќе се согласам, потребно е многу повеќе. Владата мора да ја одигра водечката улога, но и другите институции се исто така клучни, и вие медиумите, цивилното oпштество, и граѓаните индивидуално, исто така, можат да одиграат важна улога. Го видовме тоа во случајот со котролорите на летови, кога имаше една силна реакција во јавноста, поради што прашањето беше решено. Таквите видови реакции се исто така важни, но ние ќе продолжиме да го следиме ова исклучително внимателно, и каде што ќе можеме ќе понудиме поддршка, се додека земјата не ѝ се приклучи на ЕУ.

Телма: САД најавува црни листи, мислам дека граѓаните ќе се радуваат ако видат дека таму се ставени луѓе кои ја кочат борбата против корупцијата и против криминалот или се вмешани во нив. Ова ве прашувам, во однос на ЕК, дали ќе преземе некои механизми или конкретни чекори во борбата против корупцијата?.
Дејвид Гир, Амбасадор на ЕУ: Како прво, мислам дека покренавте многу важно прашање во врска со политичкото влијание. Бидејќи еден аспект од корупцијата, кој треба да го посочам исто така, начинот на кој многу од клучните именувања, кои не се засновани на заслуги, или искуство и квалификација, туку на политичка припадност, што исто така е проблем овде. Сега, да ви го одговорам прашањето. Да, го имаме најголемиот механизам, а тоа е пристапниот процес. Бидејќи, ако оваа земја сака да ѝ се приклучи на ЕУ, за да ѝ се приклучи тогаш ќе треба да помине низ процес на трансформација, вклучувајќи во владеењето на правото, што е основно, вклучувајќи во справувањето со корупцијата, што е исто основно. Тоа значи справување со интересите, тоа значи создавање на систем кој ќе биде погоден. Без тоа земјата нема да може да ѝ се приклучи на ЕУ.

Телма: Деновиве ТВ Телма беше оквалификувана од лидери на политички партии, како Ахмети, па и премиерот Ковачевски, беше етикетирана. Исто така кога ќе направиме извештај со наводи за организиран криминал и корупција добиваме несоодветни коментари од страна на претставници на власта и од институциите. Каков е Вашиот коментар на ова и за напаѓањето на некој начин врз слободата на медиумите?
Дејвид Гир, Амбасадор на ЕУ: Да бидеме апсолутно јасни. Медиумите играат витална улога во едно отворено општество. Тоа значи дека на медиумите мора да им биде овозможено да си ја работат својата работа, без заплашување, закани, несоодветно влијание, без било што кое би можело да ги загрози новинарите, или поради кое ќе треба вие, или било кој друг новинар да се самоцензурира. Тоа е од апсолутно суштинско значење. Постои одговорност за луѓето од јавниот живот, вклучувајќи ги и политичарите, да ја поддржат независноста на медиумите, и да не прават ништо што би ја поткопало. Во исто време, и медиумите исто така имаат одговорности, како што знаете. Одговорности да гарантираат дека на јавноста ѝ обезбедуваат информации кои се сигурни и точни, за таа да може слободно да носи одлуки за прашања од јавен интерес, но исто така и за идната насока на државата. А тоа не е лесно! Во свет на инстант вести, во свет на лажни вести, во свет на сензационализам, дури и во ЕУ е тешко. Значи на кратко, да бидеме јасни, слободата на медиумите мора да биде почитувана, во исто време новинарите, медиумската професија мора да дејствува со високо ниво на професионална одговорност.

Снежана Лупевска Созен

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Топ Тема (15.05.2024) Интервју со Меџити: Четворица пратеници од „Европски фронт“ преговараат со ВМРО – ДПМНЕ и „Вреди“

Дејан Дејан

„Топ тема“ (14.05.2024) Опортунизам за дома, со потенцијал за изолационизам од надвор

Дејан Дејан

Топ тема (13.05.2024) Таравари оптимист за уставните измени и евроинтеграциите на државата

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе