Вести Македонија Најважни

Ќе заштедиме пола иако ќе платиме 21,4 милиони евра- владата знаела неколку дена за судскиот пораз од Хеленик Петролеум во случајот ОКТА

Владата потврди дека државата го загубила спорот со Хеленик Петролеум за ОКТА и дека информацијата за судскиот пораз пристигнала пред неколку дена. Но гледаат позитивно на пресудата бидејќи грчките барања биле преполовени и ќе ги чинат македонските граѓани 21,4 милиони евра. Владата ја лоцира вината во потпишувачот од ВМРО-ДПМНЕ, а тогашниот премиер кој сега е коалиционен партнер во владата ја префрла вината на Уставниот суд. Никој не знае како ова ќе влијае врз државната сопственост во продуктоводот за гориво Скопје-Солун.

Информацијата за поразот од Хеленик петролеум стигнала до владата на почетокот на неделата. Но според енергетскиот советник во владата Виктор Андонов, поразот е преполовен односно наместо 42,6 милиони евра, државата на Грците ќе им плати 21,4 милиони евра од парите на граѓаните. Анализата на пресудата е во тек, а ја врши адвокатската фирма Декерт од Франција.

– Адвокатскиот тим, кој е ангажиран од Владата и не застапува, а тоа е „Дехерт“ од Франција, ја разгледува и ја анализира пресудата. По завршување на тој процес, заедно со Координативното тело кое е задолжено за арбитражните постапки, ќе и предложат на Владата соодветни чекори што ќе се презмат во однос на објавувањето на пресудата, рече Виктор Андонов, советникот за енергетика во кабинетот на премиерот.

Грчките медиуми пак тврдат дека Хеленик Енерџи (поранешен Хеленик Петролеум) во спорот со Македонија за Окта добиле 80 % од бараните 32 милиони евра односно 25,6.

Актуелната влада чиј коалиционен партнер е и Љупчо Георгиевски, премиер во времето на склучениот договор за Окта, повторува дека штетниот договор за набавка на 500 илјади тони мазут на годишно ниво бил направен од ВМРО-ДПМНЕ.

Новинарско прашање до премиерот Ковачевски: Државата треба да плати 25 милиони евра поради прекршување на договорот за ОКТА?

-Тоа е договор од времето на ВМРО-ДПМНЕ, ако се сеќавам добро. Така?-запраша премиерот Димитар Ковачевски и најави детално соопштение од неговиот заменик за економија Фатмир Битиќи.

Сегашната партија на тогашниот премиер Љубчо Георгиевски пак вината ја префрли на Уставниот суд кој го укинал договорот.

-На една година пред истекувањето на петгодишнипот монопол, Уставниот суд на Северна Македонија се прогласи за надлежен дека може да раскинува меѓународни договори иако низ сите други случаеви на меѓународни договори во кои има стапено Македонија се има прогласувано дека е ненадлежен. На тој начин само заради нетрпеливоста да се почека уште една година од договорот која треба да помине, Северна Македонија се доведува во крајно непријатна ситуација, соопштија од ВМРО-Народна.

Но парите ќе бидат издвоени и платени без разлика на префрлање на вината, а Хеленик според грчките медиуми планира да ги инвестира во продуктоводот за гориво Скопје-Солун. Владата не дава прецизен одговор дали тоа ќе го промени односот во сопственоста на Скопје- Солун, во кој Македонија има 20 проценти удел, а Хеленик има 80 %.

-Во овој момент не се разговара за такви активности бидејќи се очекува да помине периодот до објавување на пресудата. Меѓутоа може да напоменам дека и оваа сума (21.478.799 евра) може да биде предмет на натамошни усогласувања и преговарања како што е направено во 2008-ма година кога е постигнат договор за порамнување, изјави Андонов, енергетскиот советник на премиерот Ковачевски.

Спорот за ОКТА го обнови Хеленик Петролеум во 2019-та година поради престанок на користење на штетната клаузула за увоз на мазут од Грција.

Во 1999-та година владата на Љупчо Георгиевски и ВМРО-ДПМНЕ ја продаде ОКТА на Хеленик Петролеум со обврска во наредните 20 години, Македонија да увезува по 500 илјади тони мазут годишно, количина која е преголема и непотребна за државата.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ВИДЕО: Невреме во Струга

Дејан Дејан

Обид за физички напад врз претседателката на Уставниот Суд

Дејан Дејан

Крени глас: Со позитивна енергија против врсничкото насилство

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе