Вести Македонија

Истражување ЕСЕ: Речиси сите Роми се изложени на еден или повеќе од еден ризик фактор по здравјето

Речиси сите Роми се изложени на еден или на повеќе од еден ризик фактор по здравјето кој произлегува од неповолните услови за домување, внатрешното загадување, небезбедните извори на вода за пиење, небезбедните начини за отстранување на отпадни води, небезбедните начини за отстранување на цврстиот отпад од домаќинствата, како и изложеноста на ризиците на работното место. А пак, во најголем број на домаќинства членовите се изложени на два до седум ризици секојдневно, покажа истражувањето „Живот на периферија“, што го спроведе Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ.

Од ЕСЕ наведоа дека истражувањет  за изложеноста и влијанието на еколошките ризици врз здравјето и животната средина на Ромите – жители на сиромашните, неформални населби  било спроведено во 13 сиромашни, неформални ромски населби, лоцирани во пет градови и едно село во Северна Македонија.

– Со истражувањето беа собрани цела низа квалитативни и квантитативни информации, преку анкетирање на  2.171 претставник на исто толку домаќинства кои живеат во тие населби, како и претставници на општинската администрација на општините Шуто Оризари, Куманово, Прилеп, Виница, Делчево и Пехчево, наведоа од ЕСЕ.

Од ЕСЕ, осврнувајќи се на истражувањето, посочија дека колку е поголем бројот на ризик фактори во домаќинствата, толку е поголем и процентот на лица од домаќинството кои боледуваат од хронични заболувања.

– Клучни фактори од животната средина кои имаат најголемо влијание врз појавата на хронични и акутни заболувања кај Ромите се загаденост на амбиенталниот и внатрешниот воздух (употреба на несоодветни и штетни горива, и пушењето); вода, санитарни услови и хигиена (немање вода за пиење, неквалитетна вода за миење и готвење, споделување на тоалет со други); управување со отпад (живеење до диви депонии); урбанизација и инфраструктурни услови (ѕидови и покриви од примитивни, природни или пак нестандардни материјали, и постоење на мувла или влага); и ризик при работа (директен контакт со отпад и отпадни води и изложеност на високи температури), наведоа од ЕСЕ.

Од Здружението потсетија дека во РСМ повеќе од 12 години дишеме шест пати по загаден воздух од дозволениот просек.

– Како резултат на континуирана изложеност на загаден воздух и комбинацијата на другите социо – економски фактори, нашите сограѓани умираат од болести на циркуларниот систем (инфаркт, мозочен удар итн.) и болести на респираторниот систем пет пати повеќе од граѓаните во земјите од ЕУ, како и од малигни заболувања за една третина повеќе од земјите од ЕУ. А пак, 60  проценти од Ромите имале акутно респираторно заболување во последните два месеци (кашлица, болки во грло, воспаление на бели дробови, бронхит итн.), истакнаа од ЕСЕ.

Оттаму посочија дека животната средина и здравјето на граѓаните, особено на Ромите и ранливите групи се прашања од маргинален интерес и во пракса се преземаат незабележителни чекори, кои на краток рок воопшто нема да дадат резултати, а долгорочно ќе резултираат со задоцнети промени и ефекти.

– Ова истражување, е прво од ваков вид и се надеваме дека истиот ќе послужи за насочување на јавните политики на национално и особено на локално ниво со цел да се подобри здравјето и благосостојбата на Ромите кои живеат во сиромашните, неформални населби во Северна Македонија и да се постигнат целите и таргетите на кои се обврзала нашата земја со потпишување на мултинационалните меѓународни договори за одржлив развој и борбата против климатските промени во коjа „никој нема да биде изоставен“, заклучија од Здружението.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Туфегџиќ во „Топ тема“: Завршена е истрагата за таткото на Вања

Дејан Дејан

Прифатени нерегуларностите на изборите за гласачки места во Крушево и Долнени, се одлучува по останатите

Дејан Дејан

Во Шведска зголемена безбедноста на израелските претставништва

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе