Вести Македонија

Османи: Треба време за транзиција на свеста за нашата улога во НАТО

Украина мора да ја добие војната затоа што е на правата страна и затоа што ги заштитува вредностите на демократскиот свет, рече министерот за надворешни работи Бујар Османи, во вечерашната Топ Тема на Телма. Османи потенцираше дека НАТО не е страна во војната, иако ја помага Украина, а земјите членки се едногласни во поддршката за Киев. Тој смета дека улогата која Македонија ја игра во исполнувањето на таа поддршка не треба да биде занемарена, и покрај негативните коментари кај дел од јавноста, во смисла дека ние сме многу мала земја, која не може да направи некаква разлика.

Недвосмислена беше нашата улога по однос на агресијата во Украина, и тука ние стекнавме такво ниво на доверба, бидејќи ова е нашиот прв предизвик како нова членка на НАТО. Ние влегуваме во НАТО, и веднаш НАТО е во најневообичаената позиција од своето постоење. Ние не покажавме колебливост во тој дел, рече Османи

Министерот исто така смета дека најверојатно ќе ни треба еден период на транзиција за да ја сфатиме новата улога на државата на меѓународната сцена.

Веројатно имаме низ годините и децениите создадено таква перцепција за државата, дека сме неважни, дека сме некаде на крајот на масата. Но, верувајте, ние седиме на истата маса под подеднакви услови, привилегии и права со САД, Обединетото Кралство, Франција, Германија. Тука сме на масата, без нас, НАТО не може да донесе ниту една одлука. Така да, има една нова фаза во позицијата на Република Северна Македонија на меѓународната сцена. Веројатно ќе треба време за луѓето да ја променат матрицата на размислување, ако можам така да кажам, по однос на нашата позиција, изјави Османи.

Според Османи ваквото размислување кај граѓаните делумно потекнува од пропаганда, но и од хибридно влијание за да се намали достоинството на институциите пред очите на граѓаните. Скандалот со државјанството на Онишченко за Османи е тежок удар и голема дамка, но смета дека од него Македонија може да излезе посилна.

Не смееме ова да го оставиме на страна. Ова е дамка за нашата репутација, репутација која што ја изградивме тешко сиве овие години, посебно во последните години, рече Османи.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Нови битки за Преспа: СИРИЗА со осуда за изјавите на Мицкоски, но и со нотирање одговорност за Мицотакис

Дејан Дејан

Дали ќе се раскинува договорот со “Бехтел&Енка” за над милијарда евра вредните коридори?

Дејан Дејан

Милијардата ќе биде европска, но не унгарска, објаснува Мицкоски

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе