Вести Македонија Најважни

Се заостри тонот меѓу обвинителката Русковска и директорот Муареми

Кој се бори прoтив криминалот, а кој врши притисок со истраги или кривични пријави? Продолжија преписките мегу Русковска и Муареми кои предизвикаа и лавина од реакции. Згрозувачки е тоа што директорот кој е именуван од владата врши притисок врз клучните обвинители од организиран криминал кои ги водеа случаите против Катица, Ременски, Рашковски и Зекири, а водат и повеќе предистраги за актуелни и поранешни високи владини функционери, обвини Русковска по најавите на Муареми за кривични пријави. За да се расчисти кој ја говори вистината, таа ги повика на помош и надлежните институции и амбасадите, но и европската обивнителка Ковеси.

Токму поради овој атак и притисок врз обвинители на ОЈО ГОКК треба и меѓународните институции како и амбасадите на САД на ЕУ сериозно да преземат мерки, затоа што ова најмалку доликува на земја-членка на НАТО и земја што почнала преговори за ЕУ каде владеењето на правото е императив! Македонија ниту е диктатура, ниту е монархија, во Македонија не смее да владее волјата на некои сегашни или пак поранешни владини функционери, за обвинители да замижуваат пред кој било криминал, па тој и да е и во највисоките ешалони на власта, напиша русковска.

Муареми ѝ одговори „Одговорност за вашето самоволие мора да има.“ Откако Русковска рече дека е подготвена информациите за Муареми да ги сподели со јавноста, директорот на УФП во реакцијата ја повика Русковска доколку има информации дека сторил криминал да ги докаже и да подигне обивнителен акт, наместо да пласира неосновани сознанија и да го дискредитира.

Улогата на еден јавен обвинител најмалку од сè е да изјавува дека ќе сподели сознанија и информации со јавноста за таа да суди кој е криминалец. Обвинителката Русковска како намерно да заборава дека криминалот се докажува во рамки на институциите, а граѓаните се тие кои им укажуваат доверба врз основа на нивната работа.Се придружувам и јас кон вашиот повик до амбасадите и сите страни на кои се повикувате за “помош”- нека го потврдат и тие она што Јавниот обвинител на Република Северна Македонија го утврди со надзорот над вашето незаконско работење и неетичко постапување, ѝ одговори муареми.

Републичкиот обвинител денеска не се огласи, но со остра реакција излегоа од здружението на обвинители кои се зачудени од, како што велат, драматичниот полноќен повик на Русковска со кој бара помош од странски амбасади и организации. Од здружението оценуваат дека Јавното обвинителство има капацитети и независно и самостојно да постапува по секој предмет, без надзор од амбасади или меѓународни организации. Сметаат дека со дописот го нарушила угледот на јавнообвинителската функција и го прекршила Етичкиот кодекс.

Русковска, ниту останатите обвинители од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција во ниту еден момент не биле спречени самостојно да водат истраги за предмети во нивна надлежност. Меѓутоа, при постапувањето во предметите, и тие како и сите останати јавни обвинители мора да се водат од начелата на законитост и правичност. Ниту еден јавен обвинител не смее да се смета себе си за семоќен и да одбива контрола над постапувањето. Таквата контрола токму има за цел да се избегне незаконито постапување и самоволие, како и да се гарантира праведноста на постапката, велат од здружението.

Од Владата воздржани апелираат сите институции професионално и одговорно да ги извршуваат задачите според своите надлежности.

Сметаме дека никој не треба да влијае врз работењето на државен орган каков што е јавното обвинителство, и го охрабруваме да постапува законито, непристрасно и објективно, соопштија од владата.

Судирот меѓу Русковска и Муареми почна со претресот во Управата за финансиска полиција пред две недели кога обивнителите барале увид во предмети отворени со анонимни пријави.

Елена Ивановска Мукоска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ВИДЕО: Невреме во Струга

Дејан Дејан

Обид за физички напад врз претседателката на Уставниот Суд

Дејан Дејан

Крени глас: Со позитивна енергија против врсничкото насилство

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе