Вести Македонија Најважни

Бугарскиот парламент го одобри францускиот предлог со дополнетите услови, предложени од „Демократска Бугарија“

Бугарското собрание по неколку часовна расправа го изгласа предлогот на Христо Иванов и Демократска Бугарија за прифаќање на францускиот предлог со дополнетите услови и ја овластија владата да го крене ветото за усвојување на преговарачката рамка за Македонија. Но, дебата не помина без критики и меѓусебни обвинувања, за тоа кој бил предавник, кој ги изневерил, а кој ги заштитил бугарските национални интереси. Има таков народ на Слави Трифонов обвинија за прекршување на уставната процедура, и затоа гласаа против.

Прашањето за Република Северна Македонија е приоритет на владата, а одлуките треба да бидат донесени од владата и од премиерот. Разгледувањето на ова прашање, односно, фрлањето на ова прашање во парламентот е всушност бегање од одговорноста на еден национален предавник, кој направи се што можеше изминативе три месеци да се обиде и да ја води оваа двострана политика, за која што ние први ве предупредивме, обвини Станислав Балабанов од „Има таков народ“.

Далеку поекстремни во своето противење на предлогот беа од партијата „Преродба“.

Македонија е Бугарија, Бугарија е Македонија, Македонија е Тракија, Македонија е Добруџа, Бугарија е Македонија, и ние никогаш не треба да дозволиме бугарските национални интереси да бидат предадени, рече Костадин Костадинов од „Преродба“.

Претседавачот со седницата, Атанас Атанасов ги предупреди да ги спуштат транспарентите за да не биде приморан да ги исфрли од салата.

Мнозинството пратеници се согласија дека ова е досега најдобриот предлог што Бугарија го добила и затоа повикаа да се искористи овој историски момент.

Предлог одлуката која беше изгласана со 170 гласови за, наспроти 37 против, а која ја поднесе „Демократска Бугарија“ предвидува дополнување на францускиот предлог со уште 4 услови, изјави Настамир Ананиев од „Продолжуваме со промената“.

  1. Прецизирање на тексот од предлог заклучоците на Советот на ЕУ, така што ќе се гарантира впишувањето на Бугарите во Уставот на Македонија, на исто ниво со другите државотворни народи.
  2. Дополнување на Преговарачката рамка и предлог заклучоците на Советот на ЕУ со цел појасно отсликување на состојбата, дека ништо во процесот на пристапување на Македонија кон ЕУ нема да биде протолкувано како признавање на постоењето на македонскиот јазик.
  3. Гаранции дека добрососедските односи остануваат постојан критериум во рамките на целиот процес за пристапување, за чие исполнување Европската комисија ќе го информира Советот на ЕУ пред одржувањето на секоја меѓувладина конференција.
  4. И вклучување на референца во Договорот за добрососедство од 2017 година и протоколите од заседанијата на мешовитата меѓувладина комисија во врска со одобрувањето на Советот на ЕУ за заедничките позиции за меѓувладините конференции помеѓу ЕУ и Македонија.

Во одлуката на бугарското Национално Собрание се наведува дека владата може да ја одобри преговарачката рамка за Македонија само по исполнувањето на овие услови, во исто време или по потпишувањето на протоколот од втората седница на мешовитата меѓувладина комисија, според Договорот за добрососедство.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Финансиските пазари пред нови предизвици, ќе дојде ли времето на евтин пристап до финансии?

Дејан Дејан

Мицотакис бара апсолутно почитување на Договорот од Преспа

Дејан Дејан

Ќе се прегласува на седум избирачки места, висат два мандати на ДУИ

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе