Вести Македонија Топ вести

Ковачевски, Вучиќ и Рама ќе одат во Брисел на самитот ЕУ – Западен балкан

Самитот ЕУ – Западен Балкан нема да помине без Балканската тројка.

И покрај јавно искажаните дилеми изминативе денови, Ковачевски, Вучиќ и Рама одлучија да отпатуваат за Брисел.

Тројцата лидери одделно ја соопштија веста преку социјалните мрежи во период од еден час.

„Северна Македонија има докажани пријатели во земјите членки на ЕУ. Тоа се оние што гледаат кон иднината наспроти минатото и од кои ние имаме целосна поддршка за членство“, напиша премиерот Ковачевски на фејсбук.

„Јас, Еди Рама и Александар Вучиќ донесовме одлука да потврдиме дека имаме европска иднина. Решивме дека пред земјите пријатели треба да ги повториме нашите заложби за европскиот пат на целиот Западен Балкан. Доколку не се обезбеди прогрес на процесот на евроинтеграции, тоа ќе е сериозен проблем и удар врз кредибилитетот на ЕУ на Балканот“ – додава Ковачевски.

И претседателот Вучиќ најави дека тројцата лидери донеле одлука за заедничко присуство на самитот, со усогласени принципи при разговорите со Унијата.

„Одлуката за учество и заеднички пристап претставува уште еден чекор во борбата за напредок на нашите земји, но и јасен сигнал дека и покрај бројните препреки, даваме конструктивен придонес. Свесни сме дека темите на самитот нема да бидат лесни, но нашето учество ја потврдува посветеноста на европскиот пат. Ќе продолжиме да се бориме за дијалогот како главен и единствено правилен модел за решавање на сите отворени прашања“ – вели српскиот претседател, Александар Вучиќ.

Албанскиот премиер Еди Рама ја соопшти веста преку твитер.

„Нема да има што да се слушне за нас, но ќе бараме да бидеме слушнати за идејата за нова Европска политичка заедница што ја поддржуваме, за Отворениот Балкан кој го промовира духот на Европа и за нашето киднапирање од Бугарија, што го уништува сето тоа“ –тврди Еди Рама.

Пред самитот на Европскиот совет, утре лидерите од Западен Балкан ќе имаат средба со врвот на Европската унија.

Одлуката ја донесоа претпладнево, откако вчера искажаа разочараност и дилема поради односот на Брисел кон интеграциите на регионот.

На состанокот ќе им се придружи и бугарскиот премиер Кирил Петков, како што соопшти неговиот кабинет.

Соња Николовска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Кривична пријава за двојното убиство во Стајковци

Дејан Дејан

Кривична и истрага против вработена во СВР Скопје, измамувала граѓани за социјални станови

Дејан Дејан

Не се прифатени тужбите на ДУИ за изборите, одлучи Управниот суд

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе