Вести Економија Најважни

Европа не е подготвена за целосен прекин на испораките на гас од Русија

Полска и Бугарија, и двете држави поранешни советски сателити, се првите членки на ЕУ и НАТО за кои Русија ја прекина испораката на природен гас, затоа што одбија да плаќаат според понудениот систем.

Но за разлика од нив, некои земји продолжија да увезуваат руски гас, плаќајки го на начинот на кој бара Москва. Германија, Австрија и Унгарија плаќаат со евра во Газпромбанк, кој потоа парите ги префрла на сметка на Газпром во рубљи.

Оваа шема за плаќање искористува правна дупка во санкциите, а тоа го призна и ЕУ, наведувајќи дека овој систем на плаќање не ги прекршува санкциите.

Но, вчерашното запирање на вентилите за Полска и Бугарија предизвика благо зголемување на цените на берзите, а тоа според експертите, заедно со нарушувањето на снабдувањето ќе нанесе нов удар врз економиите кои веќе се под притисок поради генералниот пораст на цените.

Изгубивме 8 проценти од руските испораки, лесно е да се заменат 8 проценти. Како што гледате цените малку се зголемија но тие сѐ уште се под рекордот кој го дистигнаа претходно годинава, што значи дека можеме да се справиме со тоа. Прашањето е, што ако овој прекин се случеше со Германија, тогаш тоа ќе беше систематски ризик а ние не сме добро подготвени за тоа, вели независниот експерт за енергетика Тиери Брос.

Индивидуално, некои од земјите се добро подготвени за такво сценарио и тоа е перфектно отсликано во случајот со Полска и Бугарија.

Полска се чини дека е поотпорна затоа што тие размислуваат за ова прашање 10 години, изградија терминал за регасификација, изградија гасовод кој носи норвешки гас и имаат подобра интерконекција со соседните земји. Затоа мислам дека мислам дека ќе има минимални последици врз Полска, каде и залихите се прилично големи. Бугарија е друга приказна затоа што Бугарија е помалку поврзана. Бугарија 80 проценти од својот гас го добиваше од Русија и нејзините залихи не се многу исполнети, затоа Бугарија ќе се соочи со последици, оценува брос.

ЕУ тврди дека уште пред почетокот на руската инвазија на Украина, интензивно работи на дивезификација на увозот, за да ја намали зависноста на унијата од руските енергенси.

Ова е нешто за кое ЕК се подготвуваше во блиска координација и солидарност со земјите членки и меѓународните партнери. Нашиот одговор ќе биде брз, обединет и координиран, порача претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен.

Минатиот месец за време на европскиот самит во Брисел, американскиот претседател и лидерите на унијата постигнаа договор за значително зголемување на американската трансатлантска испорака на гас за Европа, доставувајќи 15 милијарди кубни метри природен гас до крајот на оваа година. Но тоа претставува само една десетина од моменталниот увоз на руски гас во унијата, која дури 40 проценти од своите потреби ги задоволува токму со увоз од Русија. Целта на Брисел е да го зголеми увозот од САД и други снабдувачи на 50 милијради кубни метри за целосно да ја елиминира зависноста на унијата од руските енергенси.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Туфегџиќ во „Топ тема“: Завршена е истрагата за таткото на Вања

Дејан Дејан

Прифатени нерегуларностите на изборите за гласачки места во Крушево и Долнени, се одлучува по останатите

Дејан Дејан

Во Шведска зголемена безбедноста на израелските претставништва

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе