Македонија Најважни

Преспанскиот договор пред уставните судии

Речиси три години по потпишувањето и две години по влегувањето во сила, Преспанскиот договор продолжува да ја бранува македонската јавност. Кон средината на март, во Уставниот суд ќе се соочат претставници на Владата, Собранието, познавачи на македонско-грчките односи, како и оспорувачите на Преспанскиот договор и указот со кој влезе во сила. До Судот се поднесени седум иницијативи – од Светскиот македонски конгрес, професорката Солза Грчева и од граѓани.

Договорот беше потпишан на 17 јуни 2018-та од министрите Никола Димитров и Никос Коѕијас во селото Нивици, на брегот на Преспанското езеро, како решение на спорот стар 27 години. Со него, Република Македонија ја доби придавката Северна и ја додаде во Уставот. Грција ги призна државјанството и македонскиот јазик, но и го повлече ветото за евро-атлантски интеграции, што овозможи Македонија да стане 30-тата членка на НАТО. Но, претседателот Ѓорге Иванов одби да го потпише указот на законот, па ратификацијата доби указ само од спикерот Талат Џафери. Токму тоа е еден од главните аргументи при оспорувањето пред Уставниот суд. Владата има спротивно мислење: дека уставното прекршување е направено од екс-претседателот Иванов, кој според Уставот е должен да потпише, бидејќи мнозинството пратеници два пати го гласало Законот, а две третини од нив се согласија и на уставни промени.

Во наредните месеци, се очекува расправа и во МАНУ. Ќе ја иницира претседателот на Академијата, Љупчо Коцарев, кој е уверен дека Преспанскиот договор е извор на регионална нестабилност.

На истата подготвителна седница, ќе има расправа и за Законот за јазиците. И тој закон не доби потпис од Иванов. Пред три години, со овој закон, албанскиот јазик доби поширока примена и институции кои ја контролираат неговата употреба. Пред судот е оспорен со вкупно 13 иницијативи од ВМРО ДПМНЕ, Левица, Светскиот македонски конгрес, професорката Тања Каракамишева и од други.

Подготвителните седници се одржуваат во случаи кога на уставните судии им се потребни пошироки консултации за да изградат мислење. На посебна седница, ќе донесат одлука дали треба да се поведе постапка или донесените закони целосно се во согласност со Уставот.

Соња Николовска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Си Џипинг денеска пристигнува во Белград

Дејан Дејан

Почна предизборниот молк- денеска гласаат затворениците, болните и изнемоштени лица и дијаспората

Дејан Дејан

(Видео) Страотна сообраќајна несреќа утрово на Партизанска во Влае

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе