Свет

НАТО го отфрла обвинувањето на Лукашенко дека ќе интервенира во Белорусија

Обвинувањата на белорускиот претседател, Александар Лукашенко, дека странските сили организираат и спроведуваат концентрација на голем број воени сили во близина на границите на неговата држава се без основа, соопшти НАТО.

Лукашенко, кој владее неограничено во Белорусија цели 26 години и со своите методи го заслужи епитетот “последниот европски диктатор”, облечен во воена облека и соопшти на нацијата дека наредил висока подготвеност на армиските единици.

Тој додаде дека НАТО силите во Полска и Литванија се подготвени секој миг да влезат на територијата на Белорусија и затоа ги упатил белоруските трупи на западната граница на државата.

 “Тие се движат кон ситуација која треба да донесе нов квази претседател, кој потоа би побарал од странските држави, во случајов преку НАТО, да го заштити народот, потоа војската ќе влезе и на крајот може да ја отпишете Белорусија” – вели Лукашенко.

НАТО негира дека претставува каква било закана за Белорусија и другите држави и нема никакво агресивно движење на своите единици.

Алијансата го обвини Лукашенко дека се обидува да го тргне вниманието од внатрешни политички проблеми и за таа цел измислува надворешни закани.

Лукашенко беше реизбран за претседател на 9-ти август, но гласањето помина со сериозни обвинувања за изборни нерегуларности, по што избувнаа и масовни граѓански протести.

Демонстрациите беа пречекани со брутална интервенција на безбедносните сили, при што беа убиени најмалку 4 луѓе а беа уапсени и голем број демонстранти, кои тврдат дека била измачувани и жестоко тепани во затворите.

Секој ден во Минск се одржуваат граѓански протести на кои луѓето бараат повлекување на Лукашенко.

“Јас не сум против тоа тој да е избран на 5 години. Ако се биде во ред, може да биде избран уште на 5 години. Но, дури и да е добар претседател, мора и да одмори. Ако народот те избере, никој нема да биде против. Но ние сме против нечесни избори” – тврди пензионерката Тамара Тамилина.

“Јас поддржувам фер избори и слобода на говорот. Економските барања не се сега приоритет. Лично живееме во повеќе или помалку нормални околности. Слободата на говорот е еден вид темел, клучен дел на тоа што им треба на луѓето. Слободата на медиумите исто така. Никој не ја гледа државната телевизија и не ги чита весниците. Тоа ни недостасува. Едноставно сакаме слобода” – смета Јан Тамилјоник, директор на ај-ти компанија.

Овие белоруски граѓани не ја прифаќаат официјална верзија дека Лукашенко освоил 80% од гласовите на изборите и немаат намера да се повлечат од улиците.

Главниот ривал на Лукашенко, Светлана Тихановскаја, која замина во Литванија по изборите, ги охрабри граѓаните да не запираат со притисокот, оценувајќи дека се блиску до победата.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Украина ќе може да повикува затвореници во војска

Дејан Дејан

Остин: Претседателот на САД одлучи да се прекине испораката на оружје за Израел

Дејан Дејан

АстраЗенека ги повлекува своите вакцини против коронавирус ширум светот

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе