Во изминатото денооноќие најмногу дожд од 21 литар на метар квадратен наврна во Прилеп, а обилните врнежи предизвикаа поплави во неколку семејни куќи на повеќе локации низ градот. Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираат дека прилепската Противпожарна единица вчера интервенирала за испумпување на вода од поплавени простории во семејни куќи на улиците „Ердован Шабановски“, „Ножот“, „Борка Утот“ до доцните попладневни часови. И од ЈП „Водовод и канализација“ информираат дека нивните екипи се постојано на терен и интервенираат во повеќе индивидуални објекти.
Обилните врнежи во изминатите денови предизвикаа и оштетување на коритото на Дабничкиот канал каде има дупка на улицата „Кеј 19 Септември“, што е опасност за минувачите, а при минување на потешки возила, асфалтот може да пропадне. Од јавните претпријатија веќе го исчистија каналот во кој е исфрлено ѓубре, а местото е привремено санирано и обележано, во наредните денови ќе се бара трајно решение.
Инаку од вчера во 14 часот нормализиран е сообраќајот на патниот правец Прилеп – Градско, кој беше во прекин седум часа, поради излевање на Раечка река кај новите тунели на автопатот во изградба. Изведувачите на автопатот, „Сино Хидро“, со механизација ја испумпуваа водата, а екипи на ЈП за одржување патишта ги отстранија наносите од земја и камења на патот. Нивото на водата на Раечка Река се намали и почна да се повлекува и нема опасност од нови излевања.
Емилија Мисирлиевски