Законите и институциите задолжени за изградба и надзор на изградба на патна инфраструктура добиваат дополнителен надзор откако вчера Владата на седница донесе одлука да го постави првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, за координатор на изградбата на Коридорот 8 вреден 1,3 милијарди евра како и делиницата Скопје – Блаце, железницата Кичево – Лин и заеднички гранични контроли со Албанија и Косово.
Со оглед на фактот дека изградбата е целосно регулирана со законот за јавни патишта, со јасно дефинирани улоги на учесниците и институциите нејасно е како и што точно ќе треба да прави координаторот Груби кој нема допирна точка со оваа област.
По креирањето на позицијата координатор и назначувањето на Груби се отвараат прашањата од потребата за поставување на координатор покрај веќе постоечките ЈПДП, министерството за транспорт и врски, институциите за надзор и ревизија како и за технички прием.
Премиерот Ковачевски потврди дека изградбата на Коридорот 8 е во исклучива надлежност и одговорност на министерството за транспорт и врски и институциите под ова министерство но дополни дека при реализацијата ќе се јават потреби за вклучување на други министерства и институции и тука е улогата на Груби.
Останува отворено прашање зошто Груби не е назначен за координатор проектите за железничко поврзување со Бугарија и автопатот меѓу Прилеп и Битола.
Откако свечено беше поставен камен темелникот а координаторот Груби јавно му се заблагодари на претседателот на матичната партија ДУИ, Али Ахмети, останува неодоговорено колку чинеше цермонијата, дали беше распишан тендер и дали ја орагнизирала компанијата „Арберија“ која меѓу другото требаше да печати свидетелства и ја организираше прославата на годишнината од Рамковниот договор.
Еден месец по потпишувањето на договорот со „Бехтел и Енка“, домашните градежни компании сеуште го бараат договорот за да видат како и дали е можно и тие со домашни работници да учествуваат во проектот. На договорот чека и јавноста.
Спорен е и надзорот тежок 22 милиони евра кој го добија три компании, една чиј сопственик е бегалец од законот, една која во минатото имаше забрана за учество во овој тип на проекти и една чија претходна дејонст беше производство на долен веш.
Истовремено Обвинителството за гонење за организиран криминал отвори предмет околу пропустите во постапките при избор на надзор кој е во фаза на предистрага додека Антикорупциската комисија која исто така отвори предмет формираше тим кој ќе ја испитува законитоста на постапката.
Огнен Чанчаревиќ