Споменикот на Андон Лазов Ќосето и неговата дислокација повторно ја разбранува јавноста. Членовите од Законот се јасни, велат познавачите, но нивната интерпретација е проблематична, не каде ќе биде споменикот, туку комисии кои треба да одлучат кое е значењето на таа историска личност.
Самата иницијатива на Советот на општина Аеродром за поставување на споменикот на Ќосето во паркот во Горно Лисиче е конечно повод Собранието да организира надзорна расправа за т.н проект „Скопје 2014“, вели професор Барџиева- Трајковска.
„Во крајна линија и она што ние го нарекуваме дивоградба, каде што е заобиколен законот, како што се носеше закон за легализација на дивоградби, дури и таков статус да добијат, меѓутоа конечно да се затвори прашањето со овој навистина крајно контроверзен и штетен проект. Штетен и од визуелен и од естетски аспект, од секаков. Да не говориме за тоа дека самиот претставуваше обид за некаков идентитетски инженеринг. Меѓутоа во моментов ќе се задржам на правните аспекти, сметам дека е крајно време, неопходно е и токму оваа иницијатива треба да биде повод за организирање на надзорна расправа, посветена токму на т.н проект „Скопје 2014“. Сето она што е до сега сработено, сите можни анализи, сите учесници во тој проект, вклучитечно и самата реализација, тоа треба да биде предмет на расправа“ – вели проф др Донка Барџиева-Трајковска од центарот за културно наследство.
Според Барџиева –Трајковска споменикот на Ќосето не е ниту е впишан во регистарот на меморијални споменици кој го води Министерството за култура. Советниците на ВМРО ДПМНЕ ја поддржаа иницијативата споменикот да се постави во Општина Аеродром, а 6-мина советници од коалицијата на СДСМ беа против.
„Локацијата не е детално утврдена предлог беше да биде во Горно Лисиче во општина Аеродром. Иницијативата за расправа беше поднесена од страна на советничката група на Левица. Причините зошто во овој момент е поднесена таа иницијатива е претпоставувам поради преписките меѓу градоначалничката Арсовска и градоначалникот на општина Центар за утврдување на локација за поставување на овој споменик. Ликот на Анодон Лазов Ќосето е неспорно лик од македонската историја, современик на Гоце Делчев и останатите револуционери“ – вели Дејан Митевски, претседател на советот на општина Аеродром.
Споменикот на Ќосето, беше поставен пред комплексот судови во Скопје пред девет години, во време на владеење на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ кое тогаш беше во коалиција со ДУИ.
Споменикот беше отстранет во време на градоначалникот Петре Шилегов бидејќи се утврди дека е дивоградба.
Нина Стефанова