Узурпирани јавни површини. Дивите продавачи ги има на неколку локации во Тетово. Од центарот на градот, па се до тротоарите покрај зелениот пазар, каде имаат дозвола само за пазарен ден, на импровизирани тезги секојдневно продаваат разновидни производи.
Општинските инспектори се жалат дека иако им изрекуваат минимални парични казни, сепак, сликата се повторува.
Сега со одлуката за комунален ред која помина на Совет, ќе можат и да им ја запленат робата.
„Предходно немало, имало само 50 евра казна и не можел никој ништо само казни го и не можеш да преземеш мерки. Сега имаат право на земање роба и на казна исто 50 евра, но имаат право да конфискуваат работи што се незаконски поставени на јавни површини“, вели Абдулгани Алији, раководител на општинскиот инспекторат.
Дополнително Општинскиот инспекторат нема доволно кадар. Комунален ред спроведуваат само двајца инспектори, а заедно со останатите во другите сектори вкупно се 16 и 4-ца на обука, но според направената систематизација треба да бидат 40-тина.
„Многу малку луѓе има каде што ни треба, најмногу ни треба градежништво и комунална ама многу малку имамо. И Законот за инспекциски надзор е таков и тој што ќе го примиш треба да има 12 месеци обука за да биде инспектор“,вели Алији.
Инаку од Инспекторатот додаваат дека нивната работа на терен многу би се олеснила доколку се формира комунална полиција, за да не мора постојано да бараат асистенција од полицијата.
Данијела Билбилоска