Вести Македонија

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и денеска продолжија со препукувањата кој за кого ќе гласа во преодната влада

Никој нема да гласа за никого освен за своите. Вака може да се толкуваат најавите на политичките партии за нивната поддршка за преодната влада, која треба да ја води државата до изборите на 8 мај, а која пратениците треба да ја изгласаат на 28 јануари. Откако ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе предложи свои министри во преодната влада, но оти нема да ја поддржи истата влада бидејќи ќе ја предводи Талат Џафери од ДУИ, премиерот Димитар Ковачевски вчера им порача дека во тој случај министрите од ВМРО-ДПМНЕ нема да се најдат на спискот за министри додека нивната партија не даде поддршка за преодната влада, а од ДУИ пак возвратија дека тие нама да ги гласаат министрите од опозицијата.

Препукувањето кој за кого ќе гласа или нема да гласа на 28 јануари продолжи и денеска па социјалдемократите писмено ја соопштија дека ако ВМРО-ДПМНЕ не ги поддржува сопствените предлози за техничка влада, нема зошто ни пратениците од СДСМ да ги гласаат.

„Ако не заслужуваат предлозите од ДПМНЕ поддршка од пратениците од ДПМНЕ нема основа да се бара тоа од другите пратеници. Во таков случај местата во техничката Влада на ДПМНЕ треба да останат празни, а мандатарот да предложи Влада во која што тие места ќе бидат непополнети“, се наведува во соопштението од СДСМ.

Тие притоа ја повика најголемата опозициска партија согласно законот и таа да ги даде своите кандидати во владата, исто како и сите други партии, и да гласа за неа.

Од Белата палата пак им возвратија дека ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека нема да ја гласа за преодната влада.

„Остануваме на ставот дека нема да гласаме за составот на Влада, а на СДС е дали ќе одбере да ги почитуваат законите или ќе ги крши, со што ги открива намерите за загрозување на изборниот процес. ВМРО -ДПМНЕ ќе предложи министри и заменици согласно законот за техничка влада, без да го гласа техничкиот премиер Џафери од ДУИ. Правото не познава предлози за министри со „празно место”, Влада не се гласа поединечно, туку во целина“, наведуваат од најголемата опозициска партија.

За какафонијата околу гласањето на преодната влада да биде уште поголема придонесе и опозицијата од албанскиот политички блок, која пак вчера најави дека пратениците од нејзините редови нема да гласаат за изборот на Талат Џафери за претседател на преодната влада, доколку ДИК најбрзо што е можно не се пополни со членот од нејзините редови. Нивен предлог за член на ДИК е Абуш Демири од БЕСА, кого владејачкото мнозинство во собраниската Комисија за избори и именувања го отфрли како предлогот пред еден месец.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Поништен е тендерот за прскање против комарци во Скопје, прескокнат е терминот за прскање за ларви, а комарците веќе се намножија

Дејан Дејан

Неоправдано и без основа е зголемувањето на цените на автомобилското осигурување, одлучи АСО

Дејан Дејан

Директорката на Токсикологија со преведувачка пред инспектори, се уште доаѓаат на работа и лекуваат и оние 11 кои не се вработени

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе