Вести Македонија Топ вести

Централен комитет за истакнување на кохезијата во ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ ги концентрира силите за да покаже партиска кохезија и поддршка за актуелниот лидер. „Се реафирмираа ставовите дека партијата го осуети планот на власта, оската ДУИ-СДСМ и поранешни функционери кои им се ставаат на располагање преку валкани дилови“, е заклучокот од синоќешниот состанок на Централниот комитет. Тврдат дека присуствувале сите пратеници и потврдиле дека нема да гласаат за уставните измени.

Но вистинската и јавна дебата се води преку социјалните медиуми. Претседателот Христијан Мицкоски постира куси видеа со пораки за единство, но и со одговори за екс лидерот Груевски. Слободниот викенд на поранешната министерка Гордана Јанкуловска е искористен за „Средба силна колку Горде“, како што напиша под сликата која треба да биде потврда дека екс функционерите не се заборавени. А токму тоа синоќа му го префрли неговиот претходник.

Ви лежат луѓе невини по затвори, ги влечат по судови, со прст не мрднувате да им помогнете, вие ликувате и горди сте што никому ништо не помагате. Се ситите на маката на луѓе со кои до пред некоја година бевте заедно и им се умилкувавте. Срамота е тоа! Бедно е, напиша груевски.

 Во фејсбук полемиката се вклучи и првиот и некогаш почесен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски. На некогашните сопартијци им порача дека треба да направат мал чекор за да му помогнат на „довчерашниот лидер што 11 години им давал власт, на 15-тина сопартијци кои лежат по затворите и на Македонија на патот до Европа“. Има порака и за Груевски.

Се што ми направи мене сега ти прават тебе. По учебникот што им го остави. Само очигледно тие што ми беа лојални беа далеку помногубројни, порача поранешниот лидер на партијата.

Политичкиот противник, СДСМ, констатира внатрешни караници, дворски игри, обвинувања и препукувања во ВМРО-ДПМНЕ. Бара да не ја мешаат СДСМ во нивните пресметки.

ВМРО-ДПМНЕ тврди дека на време го откриле планот на СДСМ и на ДУИ за предизвикување поделби и дилови штетни за државата. Тврдењето прв го изнесе Мицкоски во интервју за германски медиум, а го потврди Централниот комитет.

 Соња Николовска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Се урна хеликоптерот на иранскиот претседател Ибрахим Раиси

Дејан Дејан

Мицкоски: По прегласувањето во ИЕ 5 очекуваме обезбедување двотретинско мнозинство

Дејан Дејан

Исчезна хеликоптерот со кој летал иранскиот претседател Ибрахим Раиси

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе